Додека се зголемува загриженоста дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ќе издејствува дистрибуција на неодобрена вакцина против коронавирусот, Европа неволно се подготвува да го стори истото, тврди „Политико“.

Ако не преостане друга можност, националните регулатори и Европската комисија заедно со Европската агенција за лекови сакаат да бидат сигурни дека ќе имаат подготвен терен за дистрибуција на нелиценцирана вакцина.

Вообичаено, вакцината против коронавирус би добила главна препорака за одобрување или условно одобрување од Европската агенција за лекови (ЕМА). Но, прописите даваат и поинаква можност. Според директива од 2001 година, земјите-членки би можеле привремено да одобрат дистрибуција на неодобрен медицински производ „како одговор на потенцијално или потврдено ширење на патогени агенси, отрови, хемиски агенси или нуклеарна радијација, кои му штетат на здравјето“.

Пандемијата на ковид-19 претставува таква ситуација, а Обединетото Кралство веќе стави до знаење дека би можело да ја искористи можноста во прописите. Британија всушност работи на зацврстување на сопствените закони за да овозможи одредени услови да се однесуваат на дистрибуцијата на нелиценцирана вакцина. Но, Обединетото Кралство не е единствената држава која се подготвува за ваквата можност. Уште неколку европски национални регулатори му признаа на „Политико“ дека можат да го искористат постоечкиот пропис за привремена дистрибуција на вакцина пред нејзиното одорбрување, додека некои од нив велат дека веќе разговараат за ваквата можност. Кога станува збор за пациенти без други средства за лекување на располагање, тие можат да добијат и лек кој уште е во фаза на развој.

На ниво на ЕУ, Комисијата и ЕМА работат на модел на соработка со земјите-членки кој би можел да им овозможи на националните регулатори „координирана и хармонизирана научна процена“. Ако моделот успее, ЕМА ќе воспостави листа на услови за употреба на недокажана вакцина, кои ќе се однесуваат и на дистрибуцијата и за тоа кој може да ја прими. Државите на ЕУ тогаш ќе можат да ги искористат овие препораки за дистрибуција на вакцината.

Од 27-те национални регулатори со кои контактирал „Политико“, 13 одговориле, а Хрватска и Белгија признале дека разговараат за можноста за дистрибуција на нелиценцирана вакцина. Сепак, треба да се истакне дека користењето на неодобрена вакцина не е првиот избор на ниту еден регулатор.