Австрија е на само неколку дена до прогласување карантин за милиони граѓани кои не се целосно вакцинирани против Ковид-19 бидејќи дневниот број на новозаразени достигнува рекордно ниво, а одделенијата за интензивна нега веќе се под притисок, рече канцеларот Александер Шаленберг.

Околу 65 отсто од австриските граѓани се целосно вакцинирани против коронавирус, најмалку во западна Европа, освен во Лихтенштајн, покажуваат податоците од Европскиот центар за превенција и контрола на болести.

Многу Австријци се скептични за вакцините, што дополнително е поттикнато од крајно десничарската Партија на слободата, трета по големина во парламентот.

Според владиниот план во повеќе фази договорен во септември, кога 30 отсто од креветите за интензивна нега ќе бидат зафатени од пациенти со Ковид-19, се прогласува карантин за невакцинирани лица и нивното движење ќе биде ограничено. Сега 20 отсто од креветите се пополнети и тој број брзо расте.

„Според постепениот план, всушност имаме само уште неколку дена по што ќе треба да воведеме карантин за оние кои не се вакцинирани“, рече Шаленберг на прес-конференција во западната покраина Форарлберг, додавајќи дека стапката на вакцинација е срамно ниска.

Невакцинираните веќе не смеат во ресторани, театри, ски-лифтови и салони за нега како фризерници, одлучи владата во петокот.

Австрија прогласи карантин три пати минатата година, ограничувајќи го движењето само на најнеопходните работи.

Полицијата ќе проверува дали граѓаните ја почитуваат одлуката на Владата, рече канцеларот.