Македонската Агенција за лекови и медицински помагала (МАЛМЕД) соопшти дека рокот на вакцините на „Фајзер“ е продолжен од шест на девет месеци.

Зеленото светло од МАЛМЕД следува откако претходно рокот го продолжи Европската агенција за лекови (ЕМА) и пристигнала документација до македонските регулаторни тела од производителот „Фајзер“.

Станува збор за продолжување на рокот за вакцините кои се замрзнати.

-Збирниот извештај за особините на лекот и Упатството за употреба следствено се ажурирани и во нив е наведен новиот рок на употреба на замрзнатите вијали, кој е продолжен од шест месеци на девет месеци. Условите за чување остануваат непроменети (на температура од-90 Целзиусови степени до-60 Целзиусови степени). Во рамки на рокот на употреба од девет месеци неотворените вијали може да се чуваат и транспортираат на температура од-25 до-15 Целзиусови степени еднократен период од најмногу две недели и може да се вратат на температура од-90 до-60 Целзиусови степени – соопштија од МАЛМЕД.

Од Агенцијата додаваат дека ваквата одлука е објавена и јавно на нивната веб-страница и за истата се информирани и здравствените работници.