Фото: Маја Јаневска-Илиева

ДРЖАВАТА И ГРАЃАНИТЕ ПРЕД НОВ ГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК

Како да се реши проблемот со евентуалните масовни забави што би се одржале за време на новогодишните и божиќните празници во Македонија и како најлесно и најефикасно да се превенираат приватните и јавни собирања? Овие дилеми се актуелни во домашната јавност откога полицијата информира дека во изминатите неколку дена се разбиeни две поголеми забави, едната во скопско Волково, а другата во стан во центарот на главниот град. Притоа во полициските рации се запленети и големи количества дрога и алхохол и се приведени 42 лица.

Здравствените власти препорачаа граѓаните годинава да се воздржат од какви било форми на групирања и празнувањe за да се спречи ширење на коронавирусот. И другите надлежни органи постојано апелираат на одговорно однесување за време на празниците.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги повикува граѓаните во наредниот период да пријавуваат кршење на здравствените протоколи за заштита од коронавирусот и недозволено групирање на забави, славења по дома, во викендичка или изнајмен простор на бесплатниот телефонски број 0800 00 201 или на е-адресата: [email protected]

– Полицијата ќе постапи по пријавите и ќе преземе мерки во координација со Jавното обвинителство за санкционирање на непочитувањето на мерките и препораките што произлегуваат од Законот за заштита на населението од заразни болести, односно одлуките што ги носи Владата на Република Северна Македонија – информира тој.
Министерот апелира во пресрет на претстојните празници граѓаните да се воздржат од групни собирања и прослави, да ги почитуваат мерките на Владата, а сѐ за заштита на индивидуалното и јавното здравје.

Од друга страна, безбедносните аналитичари, коментирајќи ги актуелните случувања, велат дека справувањето со забавите воопшто не е лесна работа за нашата полиција.
Поранешниот министер за внатрешни Павле Трајанов вели дека полицијата и органите на безбедноста во државата можат многу да сторат во правец на намалување на штетните ефекти од т.н. новогодишен корона-кластер.

Тој истакнува дека во земјата во овој момент се потребни акции во правец на превенција на штетните последици од групирањата на граѓаните, а тоа најдобро може да се постигне со издигнување на јавната свест и стимулирање одговорно однесување на жителите во нашата држава.

– Јас лично сметам дека успешен акциски план е оној во кој со јавни повици преку медиумите до граѓаните ќе стигне пораката дека тие треба да се одговорни за време на прославувањето на Нова година и Божиќ. Сето најдобро ќе биде проследено ако полицијата е присутна во населените места, но без таа да употребува средства за присила и насилно да влегува во домовите и да приведува граѓани во полициски станици – вели Трајанов.

Тој истакнува дека полицајците треба да стимулираат чувство дека му помагаат на секој граѓанин да е безбеден за време на пандемијата, а не дека тој треба да се плаши од приведување или слично.

– Акцискиот план на полицијата е еден од серијата механизми што земјата може да ги преземе во овие моменти. Јас, сепак, лично верувам дека народот е свесен за последиците, а празниците ќе минат мирно и без поголеми инциденти – резимира Трајанов.

Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски, пак, вели дека претходните два случаја што станаа актуелни во домашната јавност биле извршени со упад на полицајците во локации за кои имало сомнеж дека е складирана и користена дрога.
Тој вели дека исклучително тешко ќе биде полицијата да влегува во домови на граѓани, каде што нема нелегални средства, бидејќи за такво нешто е потребен налог од судија.

– Во секој случај станува збор за правен и оперативен предизвик, кој ако биде успешно решен од надлежните во полицијата, ќе ѝ помогне на државата да го намали бројот на потенцијалното ширење на заразата – резимира Стефаноски.


Строги мерки во светот

Државите од регионот, но и од светот веќе со недели јавно публикуваат информации како ќе се прослави Нова година и какви правила и ограничувања веќе важеа, но и ќе важат за чествувањето на Божиќ по двата христијански календари. Државниот врв во Србија, по препораките на српскиот кризен штаб, одредил мерки за засилено полициско присуство низ населените места и градовите во земјата за време на новогодишните празници. Грчките власти истакнаа дека рестораните и училиштата ќе бидат затворени до 7 јануари, а ќе има и полициски час од 21 до 5 часот и рестрикциите за движењето меѓу регионите ќе бидат во сила до следниот месец.

Премиерот на Италија, Џузепе Конте, им порача на Италијанците да очекуваат потрезен Божиќ, без собири, прегратки и бакнежи. Многу италијански региони се наоѓаат под делумна блокада и е најавена забрана за патување помеѓу различни региони од 21 декември до 6 јануари. На луѓето во Италија нема да им биде дозволено да ги напуштат своите родни градови на Божиќ и Нова година. Во тој период државата ќе спроведува и полициски час, кој ќе трае од 22 до 5 часот, а истовремено е забранет и т.н. божиќен пазар низ градовите.
Франција забрани патувања за празниците. Ќе може единствено да се патува со одобрение низ државата, изјави претседателот Макрон во ТВ-обраќање. Во Германија се забранети сите јавни собири, додека во Шпанија е дозволена забава на отворено на тераси до најмногу шест лица.


Епидемиолошката крива во опаѓање

Епидемиолошката крива на коронавирусот продолжува да паѓа, а со тоа и да се намалува процентот на новозаразени лица од тестирани. Анализите на Институтот за јавно здравје покажуваат дека уште една недела е зад нас во која бројката на новозаразени е помала од таа што сме ја имале минатата недела. Статистиката за ковид-19 покажува дека речиси секој ден изминативе две недели има повеќе оздравени отколку заразени на дневна основа, со што и вкупната бројка на активни случаи по подолго време се спушти под 20 илјади.

Регистрирани се 3.372 нови позитивни случаи од 35 града во државата, со намалување од 26,5 отсто во однос на минатата недела.
Овие бројки се охрабрувачки, но, сепак, епидемиолозите велат дека состојбата е далеку од нормализирана и не смее да има никакво опуштање, особено што пред нас се новогодишните и божиќните празници.
И додека Македонија секојдневно брои стотици позитивни случаи на ковид-19, анализите на Институтот на јавно здравје покажуваат дека оваа година ќе помине со најмалку заболени од сезонски грип.

Оваа сезона вкупниот број на заболени изнесува 323 случаи, или 51,8 отсто помалку во споредба со истиот период минатата сезона, кога имало 670 случаи на болни од сезонски грип.
Епидемиолозите стравувале од сериозни проблеми со почетокот на сезоната на грип, но, сепак, барем во првите месеци од сезоната не се случило тоа. Сметаат дека мерките за носење маски и за дистанцирање штитат не само од ковид-19 туку и од сезонски грип. Р.З.