Македонија очекува да стане 30-та членка на НАТО

Изразените сомнежи за посветеноста на балканските членки кон НАТО ги актуелизираат внатрешните проблеми со кои се соочува Алијансата, во пресрет на приемот на Македонија како 30-та држава во воениот сојуз.

Американскиот сенатор Крис ван Холен побара од претседателот на САД Доналд Трамп да ја откаже продажбата на воените авиони „Ф-35“ на Турција, ако таа инсистира на купување на ракетите „С-400“ од Русија. Тој покрена прашање и за посветеноста на Турција кон останување во НАТО. Демократот Ван Холен ги изрази неговите ставови преку Твитер, откако Турција ја одби понудата на САД за ракетниот систем „Патриот“ во полза на руските ракети „С-400“. 

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, пак, неодамна јавно уверуваше оти Бугарија нема да биде искористена како „тројанскиот коњ“ на Русија, истакнувајќи дека неговата држава е една од најдисциплинираните и најлојални членки на НАТО, на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Американскиот претседател Трамп во неколку наврати изрази загриженост дека малите држави во НАТО со комплицирано соседство би можеле да ги вовлечат САД во војна поради одредбата за колективна одбрана во Алијансата позната како член 5, според кој нападот врз една држава е напад врз сите членки. Во јули 2018 година, Трамп порача дека 29-та членка на НАТО, Црна Гора, е држава со 600.000 „многу агресивни“ жители, кои би можеле да предизвикаат Трета светска војна. 

Проблем за НАТО претставува и оттргнувањето на одредени членки од либералните вредности, како што е случајот во Унгарија, Полска, Турција и од неодамна во Италија, каде што е забележан подем на национализмот, според американски „Нешнл интерест“.

– НАТО мора да одлучи за сопствената цел, да ја преиспира мисијата и да ги преиспита сопствените должности. Откако ќе се одредат суштинските цели, потоа треба да се одреди и начинот за нивно постигнување. Лидерите на НАТО треба да ги преиспитаат и критериумите за членството во Алијансата и да ги исфрлат државите што не ги исполнуваат. Засилувањето на обврзаноста меѓу членките ќе осигури транспарентност и ќе изгради доверба во Алијансата – се наведува во анализата на „Нешнл интерест“.

Останува да се види како Македонија ќе биде прифатена во Алијансата кога и официјално ќе стане 30-та членка. М.Ж.