Над 140 повредени во пожарот во дискотеката во Кочани се згрижени во текот на вчерашниот ден, а од нив дел се прифатени во болници во странство.
Бројките се менуваат поради пренесување на повредените во други болници, информира директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Клековски синоќа информора дека во Клинички центар се хоспитализирани 20 повредени, во ГОБ 8 септември – 20, во „Свети Наум Охридски“ – 21,во Клиничка болница Штип – 20, Општата болница во Кочани седум и на Токсикологија – двајца. Има пациенти и во приватните болници.
Во странство се прифатени во Србија, Бугарија, Турција, Грција…

Тој нагласи дека пристигнатите во странство се стабилни. Потсети дека во Клинички центар функционира Кризниот штаб на Министерството за здравство, во одлична координација со МВР и МНР.
-Состојбата на сите пациенти се набљудува и конзилијарно се одлучува за понатамошните постапки – додаде Клековски.
Синоќа пристигнал еден тим од ВМА Белград. Се очекуваа медицински тимови и од Чешка, Израел и Белгија.
-Сите повредени се згрижени најдобро што можеме – нагласи директорот на ФЗО Клековски.
Девет повредени во пожарот во Кочани примени во Ургентен центар во Белград и тројца на ВМА
Девет пациенти повредени во пожарот во дискотека во Кочани пристигнаа во Ургентниот центар на Србија, додека тројца пациенти се примени на Воено-медицинската академија (ВМА), јави МИА од Белград.
Дванаесет пациенти повредени во несреќата во дискотеката во Кочани ноќеска со авион CASA C-295 на српската армија се пренесени од Скопје во Белград и ќе бидат згрижени во ВМА и Клиничкиот центар на Србија.
Претходно, авион со четворица лекари и четворица медицински техничари полета за Скопје за медицинска евакуација на повредените во несреќата. Двајца пациенти кои со воени амбулантни возила биле пренесени од Скопје на лекување во Воената болница Ниш и Клиничкиот центар Ниш.
За да им се пружи помош на повредени, планирано е во Македонија да останат двајца лекари од ВМА (пластичен хирург и анестезиолог) и медицински техничар.
Турција пренесе критично повредени од пожарот во Истанбул
Тројца критично повредени во пожарот што избувна во ноќен клуб во Кочани синоќа беа пренесени во Турција со медицински авион на турското Министерство за здравство.
Авионот слета на аеродромот „Сабиха Ѓокчен“ во Истанбул, каде што повредените беа префрлени во центарот за изгореници при болницата „Башакшехир Чам и Сакура“ за понатамошен третман, јави Анадолија.
Како одговор на итното барање на македонските власти, Турција испрати два медицински авиони за евакуација.
Првиот авион ги транспортираше тројцата повредени во Истанбул, додека вториот, управуван од турското Министерство за одбрана, пренесе уште шест лица во болницата „Билкент“ во Анкара за специјализиран третман.
Турскиот министер за здравство, Кемал Мемишоглу, изрази сочувство и ја потврди подготвеноста на Турција да ѝ помогне на Северна Македонија, нагласувајќи дека земјата останува подготвена да обезбеди дополнителна медицинска помош доколку биде потребно.
Д-р Димитров: Осум повредени од пожарот во Кочани примени во „Пирогов“, нивната состојба е тешка
Вкупно осум лица повредени во пожарот што избувна во дискотека во Кочани се хоспитализирани во Универзитетската болница „Н.И.Пирогов“ во Софија, изјави на прес-конференција директорот на болницата, д-р Валентин Димитров, јави БТА.
Меѓу примени пациенти има тројца малолетници – две девојчиња и едно момче, додека останатите се четворица мажи и една жена, на возраст од 22 до 25 години. Највозрасниот пациент има 31 година.
Состојбата на сите пациенти е тешка, со изгореници на телото, горните екстремитети и лицето, како и на горните и долните дишни патишта, што дополнително ја комплицира нивната здравствена состојба. Според д-р Димитров, тројца од пациентите се интубирани, додека за останатите ќе биде направена дополнителна медицинска проценка и терапевтски план.
– Ќе биде направено сè што е потребно, болницата располага со сите неопходни ресурси – нагласи тој.
Додаде дека сите пациенти биле донесени во тешка состојба на термички шок, што е сериозна закана за организмот, независно од брзината на лекарската интервенција.
Центрите за снабдување со крв во Софија, Пловдив и Стара Загора одговорија на потребите на болницата за крв, но д-р Димитров упати апел дека крводарувањето не смее да запре и останува постојана потреба.
– Сега претстојат средби со семејствата на пациентите кои беа транспортирани од Кочани – додаде тој.
Шест други повредени лица се примени во Воената болница во Варна и во болницата „Св. Георги“ во Пловдив.
Бугарија презеде обврска да прими 14 лица на лекување.
Петмина повредени во пожарот во Кочани се хоспитализирани во болници во Солун, двајца веќе се оперирани
Во Солун, во болницата Папаниколау и во воената болница, хоспитализирани се вкупно пет лица повредени во пожарот во ноќниот клуб во Кочани, а од нив двајца се веќе оперирани, додека пак на други двајца им била извршена трахеотомија, според информациите на дописничката на МИА од Атина.
Извори од болницата Папаниколау, каде што од вчера попладне се хоспитализирани тројцата повредени, кои со амбулантни возила пристигнаа во Солун, брифираат дека сите се на Одделот за интензивна нега за повредени со изгореници, двајца се оперирани, а третиот сè уште не е.
Како што вчера објави МИА, станува збор за две девојки и едно момче на возраст од 25, 26 и 19 години, кои се тешко повредени со големи изгореници.
Дополнително, според информациите на МИА, во воената болница во Солун биле префрлени уште двајца повредени на кои им била извршена трахеотомија.
Според истите извори, болницата Папаниколау засега не е информирана или известена за транспорт на други случаи.
Министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис преку платформата Икс синоќа информираше дека „Националниот центар за брза помош е во целосна оперативна готовност за транспорт и лекување на повредени со изгореници по барање на Северна Македонија“ и посочи дека четири болници во Атина и Солун се во состојба на зголемена готовност.
Георгиадис објасни дека по барањето од нашата земја до Европскиот механизам за цивилна заштита, во тек се „сите неопходни активности и во тек е координација помеѓу грчкото Министерство за надворешни работи, Министерството за здравство, Министерството за климатски кризи и цивилна заштита и Здравствен оперативен центар на брзата помош со цел транспорт, прием и лекување на повредените со изгореници во соодветните здравствени центри во земјата“.
Според министерот за здравство на Грција врз основа на оперативниот план во состојба на зголемена готовност се три болници во Атина и една во Солун, што воедно се и едни од најголемите грчки болници.
– Општиот координативен центар на службата за брза помош веќе го стави во состојба на готовност потребниот број амбулантни возила, кои ќе се користат во случај да се донесе одлука дополнителни повредени со изгореници да треба да се транспортираат во здравствените центри на националниот здравствен систем или Министерството за национална одбрана во Атина – напиша Георгиадис на Икс.
Како што вчера објави МИА, грчки владини извори брифираа дека во болницата Папаниколау во Солун и во воените болници во Атина и Солун, ќе бидат хоспитализирани 18 повредени во пожарот во дискотеката во Кочани и дека по телефонскиот разговор меѓу министрите за надворешни работи на двете земји Јоргос Герапетритис и Тимчо Муцунски, „со координирани активности на Министерствата за надворешни работи, здравство, цивилна заштита и службата за итна медицинска помош, Грција ќе ги прими сите повредни со изгореници, како што било побарано од Европскиот механизам за цивилна заштита“.