Фото: Принтскрин

Светските лидери денес се збогуваат со Михаил Горбачов, последниот претседател на Советскот сојуз, кој вчера почина на 92-годишна возраст. Според Тасс, тој ќе биде погребан на московските гробишта Новодевичи покрај својата сопруга Раиса, која почина во 1999 година.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска му оддаде почит на починатиот руски добитник на Нобеловата награда за мир и поранешен советски претседател Михаил Горбачов, нарекувајќи го „голем државник“.

– Германија останува должна кон него, од благодарност за неговиот одлучувачки придонес за германското обединување, од почит за неговата храброст во прифаќањето на отворената демократија и градењето мостови меѓу истокот и западот, како и во сеќавање на неговата голема визија за заедничка и мирна Европа – рече Штајнмаер.

Штајнмаер додаде дека „денес овој сон лежи во урнатини, уништен од бруталната руска инвазија врз Украина“, пренесе ДПА.

– Горбачов страдаше во последните години од зголеменото отуѓување меѓу Русија и Западот, рече Штајнмаер.

Рускиот претседател Владимир Путин изрази длабоко сочувство поради смртта на поранешниот советски лидер Михаил Горбачов, објави синоќа Кремљ.

– Владимир Путин го изразува своето најдлабоко сочувство по смртта на Михаил Горбачов и утринава испрати телеграма со сочувство до неговото семејство и блиските – информираше портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш изрази „длабока тага“ и го нарече Горбачов „уникатен државник, кој го промени текот на историјата“.

-Направи повеќе од кој било друг, за да поттикне Студената војна да заврши на мирен начин – пишува во соопштението на Гутереш.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го опиша Горбачов како „водач кој беше достоен за доверба и почит“.

Последниот советски лидер „одигра клучна улога во завршувањето на Студената војна и падот на железната завеса. Го отвори патот кон слободна Европа. Тоа е наследство што нема да го заборавиме“, напиша таа на Твитер.

Францускиот претседател Емануел Макрон му се заблагодари на Горбачов за „ангажманот за мир во Европа“.

Според Макрон, „тој е човек на мирот, чии избори го отворија патот кон слободата за Русите“.

– Неговиот ангажман за мир во Европа ја промени нашата заедничка историја – додаде Макрон.

Британскиот премиер на заминување, Борис Џонсон ги поздрави неговите „храброст и интегритет“.

-Многу ме натажи веста за смртта на Горбачов. Секогаш се восхитував на неговите храброст и интегритет што ги покажа при завршувањето на Студената војна – објави тој на Твитер.

Џонсон додаде дека „во моменталната агресија на Путин во Украина, неговата неуморна посветеност на отворањето на советското општество останува пример за сите нас“.

Американскиот претседател Џо Бајден му оддаде почит нарекувајќи го „редок лидер“ и државник кој придонел за „побезбеден свет“.

-Како лидер на СССР, тој работеше со американскиот претседател Роналд Реган за да го намали нуклеарниот арсенал на двете земји, на големо олеснување на луѓето ширум светот кои се молеа за крај на трката за нуклеарно вооружување. По децении брутална политичка репресија, тој усвои демократски реформи – вели Бајден во соопштение.

Горбачов – едно од најважните лица од втората половина на дваесеттиот век

Поранешниот советски лидер и добитник на Нобелова награда за мир, Горбачов, многу историчари го сметаат за едно од најважните лица од втората половина на дваесеттиот век, пишуваат светските медиуми.

Тој беше последен претседател на СССР, стави крај на Студената војна без крвопролевање, но, не успеа да го спречи распаѓањето на Советскиот Сојуз. Горбачов поднесе оставка од својата функција на 25 декември 1991 година, а Советскиот Сојуз се распадна по 69 години постоење.

Од сиромашно семејство до партискиот врв

Горбачов е роден на 2 март 1931 година во сиромашно семејство во Приволноје кај Ставропол во јужна Русија. Како правник, брзо се приклучи на комунистичката партија, а потоа со годините се проби до самиот врв на партиската номенклатура.

Беше нејзин осми и последен генерален секретар. Ја водеше од 1985 до распаѓањето на Советскиот Сојуз во 1991 година.

Кога во 1985 година стана генерален секретар на советската комунистичка партија, на 54-годишна возраст, тргна да го ревитализира системот со воведување програми на гласност и перестројка што имаа за цел да обезбедат поголема демократија и економски раст. Но, неговите реформи излегоа од контрола.

Неговата политика на „гласност“ – слобода на говор – овозможи дотогаш незамислива критика на партии и држави, но, исто така ги охрабри националистите кои почнаа да вршат притисок за независност во балтичките републики Летонија, Литванија, Естонија и на други места.

Иако беше посветен следбеник на советската држава и социјалистичките идеали, реформите на ослабениот систем, според него, беа нужни за понатамошен напредок на земјата.
Во тоа доста го увери и нуклеарната несреќа во Чернобил од 1986 година, што откри многу сериозни недостатоци на комунистичкиот систем и неспособност на највисоките носители на одлуки да спречат такви катастрофи и да го заштитат населението. Советските власти катастрофата ја признаа со неколку дена задоцнување и тоа дури кога зголемената радиоактивност е забележана во соседни земји.

Во областа на надворешната политика, тој одлучи да ја прекине советската интервенција во Авганистан и да започне разговори со тогашниот американски претседател Реган, што доведе до неколку договори за ограничување на вооружувањето.

Кога продемократски протести зафатија земји од советскиот блок од комунистичка источна Европа во 1989 година, тој се воздржа од употреба на сила – за разлика од претходните лидери на Кремљ, кои испратија тенкови да ги задушат востанијата во Унгарија во 1956 и во Чехословачка во 1968 година. Но, протестите поттикнаа аспирации за автономија во 15 републики на Советскиот Сојуз, кој се распадна во наредните две години на хаотичен начин.

Горбачов залудно се бореше да го спречи колапсот.

Следбениците на „тврдата линија“ се обидоа во 1991 да го соборат од власт со државен удар што не успеа.

Тоа го означи крајот на политичката кариера на Горбачов и тој мораше да си поднесе оставка, а Советскиот Сојуз се распадна.

За многумина во Русија – предавник

Потоа Горбачов главно се повлече од активната политика, но остана важна личност од заднината која долго изнесуваше ставови за релевантни теми од Русија и од светот.

Го сметаа за гласен критичар на првиот претседател на Русија, Борис Елцин, како и на актуелниот, Владимир Путин.

Меѓу историчарите, тој се смета за едно од најзначајните лица од втората половина на дваесеттиот век. Во 1990 година, тој доби Нобелова награда за мир.

Но во Русија за многумина е предавник. Советски носталгичари му замеруваат што допуштил да се распадне земјата што комунистите 70 години ја граделе на урнатините на империјална Русија. Дека станувало збор за голема геостратешка грешка, неколкупати оцени и Путин.

Многумина Руси никогаш не ги простија турбуленциите што неговите реформи ги предизвикале, сметајќи го последователниот пад на животниот стандард како превисока цена за демократија.