Иван, второ момче кое беше пронајдено по 19 часа поминати во Егејското море, на Фејсбук побара сите кои се во можност да донираат за да се олесни товарот на семејството на исчезнатиот Мартин. Потрагата на Халкидики во Грција за пронаоѓање на последниот исчезнат македонски турист се одвиваше и денес со учество на патролен брод на крајбрежната стража, како и на волонтери – спасувачи, откако во текот на вчерашниот ден беше вклучен и подводен дрон. Според информациите на грчки „Ворија“, два воздушни дрона на ОФКАТ, како и куче-трагач се приклучени во потрагата по Мартин.
Претседателот на ОФКАТ, Христос Рамос, нагласи дека спасувачите вложуваат натчовечки напори да го најдат момчето и да го вратат кај неговото семејство.
„Јас, Иван, второпронајдениот од тројцата изчезнати во Грција, во име на семејството на Мартин кои се во активна потрага, отворив наменска донаторска сметка за собирање на средства. Доколку сте во можност, би ве замолил за ваша донација за што побргу да ја завршиме оваа потрага и да им го олесниме товарот на неговата фамилијата“, напиша Иван на Фејсбук.
Според информациите на грчките надлежни служби, потрагата по нашиот исчезнат државјанин во Грција продолжува и утре, шести ден, информираат од Министерство за надворешни работи.
Како и досега во потрагата ќе бидат вклучени неколку брода на грчката крајбрежна стража, хеликоптер, како и возило на копно и волонтери од локалното население.
– Нашите претставништва остануваат во интензивен контакт со надлежните институции на Грција и семејството на исчезнатиот, и секоја информација навремено ќе биде пренесена – велат од МНР.
Братот на исчезнатиот Мартин упати нов апел, сметајќи дека потрагата стивнува
Мартин и неговите двајца пријатели биле на одмор на Халкидики кога во саботата попладне, славејќи го роденденот на нивниот 30-годишен пријател Иван, завршија во водата борејќи се за да преживеат. Иван беше пронајден во неделата напладне, а првиот исчезнат, 25-годишниот Васил, веднаш го лоцирала крајбрежната стража.