Фото: Архива

Обвинители, истражители и судски службеници во Бугарија денеска ќе протестираат пред судовите низ државата. Судиите спонтано се одлучија на таков чекор по обидот за атентат врз главниот бугарски обвинител Иван Гешев. Според нив нападот врз правдата и националната безбедност е без преседан по својата дрскост и размери.

Според бугарските медиуми протестот ќе почне во 11 часот по локално време. Со протестот, вработените во Обвинителството и истрагата сакаат и да му изразат поддршка на главниот обвинител и да го покажат своето единство против обидите за нивно заплашување.

Обид за атентат на главниот обвинител на Бугарија Иван Гешев ја потресе Бугарија. Неговиот заменик, Борислав Сарафов, потврди дека Гешев бил цел на атентат, а експлозијата била поставена на патот.

-Бомбата не беше само со ТНТ,околу 3 килограми ТНТ, според пресметките на експертите. Во неа имало и фрагменти. Се распрснаа и се заглавија на спротивните дрвја. Бомбата очигледно била активирана со намера да убие. Целта не е заплашување, не зборуваме за огномет. Металните топчиња што ги најдовме беа со големина на човечки нокт – изјави Сарафов.

Тој прецизира дека сторителите ја активирале бомбата во моментот кога минувал автомобилот на Гешев, а маршрутите на обвинителот биле внимателно следени.

Инцидентот се случил на патот Софија-Самоков кај селото Ковачевци. Според БТВ, обвинителот Гешев требало да отпатува за Турција, но во последен момент се премислил и отишол за настан посветен на млади обвинители. Пред патувањето, Гешев побара владините претставници да дадат извештај за тоа како земјата ги спроведува санкциите на ЕУ против Русија.

Кривичната постапка што е поведена за случајот е по глава 1 од Кривичниот законик – за терористички акт. Инспекторите бараат детонатори и ги собираат шрапнелите.

Гешев во моментот на несреќата патувал со семејството.

Според изјавите на сведоците, експлозијата го придвижила автомобилот на главниот обвинител на лево.