Венко Андоновски

Политики на паланката (7)

Ако некој е смртен непријател на паланката и паланечката политика (и двете се екстремно тоталитарни) тоа е – здравиот разум, особено натпросечниот. И талентот, особено натпросечниот. Паланката е интелектуален инкубатор кој одгледува целосно идентични интелектуални примероци: бројлери од живинарска фарма, со целосно иста грамажа и калибража. Сè што е покрупно, натпросечно, се фрла од фабричката лента и создава параноично чувство. Целата околина станува потенцијална опасност за паланчанецот. Така и целиот, анонимен народ често станува ОПАСНОСТ за власта.
Доказ? На двапати во Скопје ќе настрадав, како учесник во сообраќајот, од полициски „чистачи“ кои имаат задача да се грижат за безбедноста на нашите политичари: еднаш со возило, кај „Александар Палас“, а вторпат како пешак. И не бев виновен: тие се појавуваат без најава и опомена, а толку брзо се движат, што човек нема време, и да сака, да се тргне на страна. Вториот пат, тоа ни се случи на мене и на еден средовечен минувач од Влае: од кај Сарај налета некој толку многу „важен“, што колоната завиваше „ургентно“, возејќи не знам колку километри на час. Беше јасно дека некој политички фактор, вчера слезен од трактор, брза во Владата или Собранието од некое тетовско село, користејќи ги сите привилегии на политичар – службен автомобил и авто-логистика подготвена да прегази и дете, ако само пукне со балонче од мастика за џвакање во близина на факторот слезен од трактор. Ќе се послужам со коментарот на колегата пешак, со кој стоевме пред зебрата, чекајќи „да поминат вандалите“. Цитирам: „Не можам да сфатам. Мислат некој ќе им фрли бомба, а народот ни мрсул не фрла на нив“.
Така рече. И точно ја погоди паланечката суштина: паланката е МАКРОМАН и МЕГАЛОМАН кога се вреднува себеси, а навредлив и брутален потсмевач кога се сретнува со вистински вредности. Тој средовечен пешак беше пример за оној брилијантен интелигент (и талент) спомнати на почетокот од овој текст. Со самото тоа што го изговори она духовито изречение со мрсулот, тој е илјада пати поумен од оној кутар малоумник што сега замислува дека станал толку важен, што е опасно да се вози со свое возило или со – велосиспед (ако живее во Скопје). За него околината е смртен непријател. Погледнат од затемнетите прозорци на автомобилот во движење со 150 км/ч. и пешакот е потенцијална закана, и тоа НУЖНА, за да нарасне цената на паланчанецот што слегол од трактор за да стане фактор. Штета што не го слушна тоа што пешаков го рече. Да го слушнеше, можеби ќе се опаметеше: кој е и колку вреди.
Зошто ниеден од политичарите не оди со свое возило на работа? Зошто никој од нив не оди пеш до пазар, туку други им снабдуваат? Зошто нема таков ИСКЛУЧОК? Затоа што политиката (денес) е паланка, а паланката е просек и не признава ниту посебности, ниту исклучок. Паланката, освен тоа, се кити со статусни симболи кои не ѝ припаѓаат. Па, како тоа се станува политички фактор откако ќе се слезе од трактор?
Вака: ако сакаш да успееш во политиката, прво што треба да направиш откако ќе слезеш од трактор е да се послужиш со најпровереното паланечко оружје: КИТЕЊЕТО. Мораш добро да се накитиш, како паланечка новогодишна елка, со украси кои, според способностите што ги имаш, не ти припаѓаат. Треба да станеш ВАЖЕН. Китењето воопшто не е наивна постапка: тоа е многу повеќе самоизмама, одошто измама на другите. Тоа е маскирање при кое и ти забораваш дека носиш маска. Тоа ќе стане еден вид ментално заболување, ако трае долго и ако не се случи враќање во реалноста, кога дома ќе ја симнеш маската. При маскирањето, предметите со кои се китиш стануваат симболи на твоите ПОСАКУВАНИ внатрешни карактеристики: црните безбедносни возила покажуваат дека имаш мозок како Ајнштајн, што некоја будала, може, не дај боже да го уништи со еден куршум. Се разбира, ти знаеш дека немаш таков мозок, ама со време почнуваш да веруваш, особено ако си опкружен од политички полтрони чија кариера зависи од тебе. Сепак, првата постапка на китење (а со тоа и првата паланечка свест) започнува кога, слезен од трактор, ги собуваш опинците и обуваш чевли. Чевлите, се разбира, не значат дека навистина си станал граѓанин, ама другите, околу тебе, во твоето село ќе помислат така. А кога ќе се појавиш во градот, никој нема да знае дека си брзозачевлен, односно – кога си се зачевлил. Ќе те сметаат за рамен на нив, а никој нема да знае за твојот трактор.
Маскирањето не е само паланечка постапка во политиката: ја има насекаде во општеството. На пример, некој потпросечен писател пушта брада каква што имаа Гане Тодоровски или Петре Андреевски, па со време, почнува да верува дека е и Гане и Петре истовремено. Или: лажна госпоѓа на селски пазар купува кисела зелка, ама носи шапка како Џеки Кенеди, затоа што сака да каже дека нејзиниот дедо некогаш бил, ако не селски кмет, тогаш бар селски писар. Или: магистрант го кити својот магистерски труд со фусноти од книги кои не ги отворил, ама нашол цитати од нив, веќе користени кај други колеги, па ги претставува како негов избор од цитати. Сето тоа е исто: слегол од трактор и решил да стане – фактор.
Политиката кај нас, во моментов е најраскошната шминкерница и театарска сцена за претставување на лажни вредности. Таа е ИНСТАНТ УНИВЕРЗИТЕТ: преку функции дава лажни „дипломи“ и „сертификати“ за знаења со кои воопшто не располагаш. Ти дава лажен впечаток дека навистина знаеш да го работиш тоа што ти е доверено. И тебе веќе никој не може да те разувери дека од знаења имаш само едно: знаеш добро да возиш трактор (што не е малку, ама на паланчанинот не му е ни доволно). Организирана како беспрекорна паланка која им ги сече со паланечката гилотина на омразата и просечноста главите на сите натпросечни, политиката (поточно политичката партија), покрај КИТЕЊЕТО, се користи и со второто најефиксно паланечко оружје: ПРЕМОЛЧУВАЊЕ НА ВРЕДНОТО.
Да замислиме дека оној „Ајнштајн“ што ќе ме прегазеше, поставен на најчесто измислена функција (да речеме – „министер за ведро време“), забележува дека неговиот советник има навистина мозок од Ајнштајн. Што ќе направи? Ќе го отстрани со клевети и интриги, зашто е опасност за него. Ако не успее, УПОРНО ЌЕ ГО ПРЕМОЛЧУВА, и никогаш нема да каже никому (не дај боже на „главниот“) за неговите способности. Македонија е земја на – од една страна, премолчени гении, а од друга страна – осведочени полтрони, слабоумници и слабодушници поставени на високи функции. Нема да кажам „чест на исклучоците“, зашто во нашата паланка не се вели „чест на исклучоците“ туку: „арам да му е, способен а на функција – што мајка бара на политичка функција, нека си оди да си биде професор ако е добар професор, или бизнисмен, ако е добар бизнисмен, зошто му зема леб на син ми?!“ Македонија отсекогаш таква била, и таква и ќе си остане, затоа што нема ништо против паланката и просекот, а има сè против генијот. Паланката е рај за медиокритетите: поарно три гении премолчени и гладни, а 30.000 медиокритети згрижени во администрација, одошто три гении славни а 30.000 неспособни пратени на дошколување.
Толку и така размислува македонската политичка паланка. И затоа, не чудете се што сè повеќе луѓе слегуваат од трактор и влегуваат во Собрание. Жално за тракторите: тие, од алатки стануваат само симболи за најчесното занимање од почетокот на светот и векот, занимањето на Прличевите „служители на Деметра“, земјоделците. Занимање сврзано со мајката земја, која раѓа и нè храни. За разлика од политиката, што лапа локуми и без мотика и трактор. Ама е фактор.