Илустрација / Фото: Пиксабеј

Американската војска морала да собори сопствен дрон во Црното Море поради штетата која ја претрпел кога го пресретнале руски авиони, соопшти бригадниот генерал Патрик Рајдер на денешниот брифинг во Пентагон. НАТО дипломати во Брисел го потврдија инцидентот, но рекоа дека не очекуваат тоа веднаш да ескалира во понатамошна конфронтација.
Русија ги отфрли таквите обвинувања, тврдејќи дека нивните борбени авиони не дошле во контакт со американскиот дрон, туку дека беспилотното летало се урнало поради „остар маневар“.

Врховниот командант на сојузничките сили на НАТО за Европа, американскиот генерал Кристофер Каволо ги известил сојузниците во НАТО за првата таква епизода од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година.

-Руските ловци не го користеле своето вооружување, не дошле во контакт со беспилотното летало и безбедно се вратија на својот матичен аеродром – соопшти руското Министерство за одбрана.

Тие додадоа дека американскиот дрон летал во близина на руската граница и влегол во областа која руските власти ја прогласија за забранета.

Американската војска претходно соопшти дека руски борбен авион удрил во пропелерот на дронот, кршејќи го меѓународното право. Американски претставници велат дека дронот летал во меѓународен воздушен простор во време на инцидентот. Европската команда на САД соопшти дека два руски воени авиони Су-27 „извеле несигурно и непрофесионално пресретнување“ на американски дрон (MQ-9).

Поради инцидентот, рускиот амбасадор во Вашингтон бил повикан во Стејт департментот, а американскиот амбасадор во Москва вложил „силен приговор“, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

Москва смета дека инцидентот со руски борбен авион „Су-27“ и американско воено беспилотно летало над Црното Море е провокација, соопштија ноќеска руските државни медиуми, повикувајќи се на изјавата на амбасадорот на Русија во Вашингтон, Анатолиј Антонов,

-Овој инцидент го сметаме за провокација – рече Антонов откако беше повикан од американскиот Стејт департмент.

Руските медиуми пренесоа дека Антонов вели оти неговата средба во Стејт департментот била „конструктивна“ и дека не е отворено прашањето за можни „последици“ за Москва по иницидентот.

-Што се однесува до нас, ние не сакаме каква било конфронтација меѓу САД и Русија. Ние сме за градење прагматични односи за доброто на рускиот и американскиот народ – рече Антонов.

Инцидентот се случува во време на раст на тензиите меѓу САД и Русија поради војната во Украина, која започна пред повеќе од една година.

САД оперираат во меѓународните води, Црното море е дел од меѓународните воздушни граници и дронот се наоѓаше во тој простор, изјави денеска Џон Кирби, портпарол на Националниот совет за безбедност во Белата куќа.

-Ќе оперираме и понатаму во меѓународните води, Црното Море е дел од меѓународните воздушни граници и дронот се наоѓаше во тој простор – изјави тој на телефонскиot брифинг за новинарите.

Пентагон инцидентот го опиша како „непрофесионално, неодговорно и еколошки штетно однесување“ на Русија.

Руски и американски воздухоплови се активни над Црното Море од почетокот на војната, но ова е прв таков инцидент со потенцијал да ја ескалира ситуацијата меѓу двете конфронтирани страни, во време кога се водат борби во источна Украина.