Американскиот и рускиот министер за одбрана, Лојд Остин и Андреј Белоусов, вчера разговараа по вторпат за нешто повеќе од две недели поради тензиите околу војната во Украина – соопшти Пентагон.
– Разговорот беше инициран од Русија – објави на брифинг портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг.
– Остин ја истакна важностана на одржување отворени линии на комуникација за време на конфликтот во Украина, повеќе од две години по целосната инвазија на Русија – рече Синг.
Руското Министерство за одбрана потврди дека телефонскиот разговор бил „инициран од руска страна“, и дека Белоусов и Остин се осврнале „на прашањето за спречување на безбедносни закани и намалување на ризикот од потенцијална ескалација“.
Новиот контакт меѓу Вашингтон и Москва следува по најава на Германија и САД оваа недела на Самитот на НАТО дека постигнале договор за стационирање американски ракети со долг дострел на германска територија, почнувајќи од 2026 година. Тоа ќе биде првпат такво оружје да биде стационирано во Германија од крајот на Студената војна.
Оружјето на САД треба да вклучува крстосувачки ракети Томахавк со дострел до 2.500 километри способни да напаѓаат цели длабоко во Русија, како и ракети за воздушна одбрана СМ-6 и новоразвиено хиперсонично оружје.
Руските власти жестоко реагираа на објавата, обвинувајќи ги Германија и Соединетите Американски Држави дека ги зголемуваат тензиите и го туркаат светот кон нова трка во вооружување.