Фото: Нова Македонија

Од оваа година, па натаму да имаме традиција средствата кои во претходните години ги собиравте за подароци, да бидат дадени во добротворни цели. Искрено и од срце сакаме и ние да учествуваме во донацијата, им порачаа двете наставнички на родителите

Наместо да ни купувате подароци за 8 Март, донирајте за Леонид и за Кара, им порачаа две наставнички од скопското основно училиште „Киро Глигоров“ на родителите на нивните ученици, второодделенци.

– Почитувани родители добар ден. Се ближи празникот на жената… Би сакале да ве известиме следново: Од оваа година, па натаму да имаме традиција средствата кои во претходните години ги собиравте за подароци, да бидат дадени во добротворни цели. Можеби оваа година сме му потребни на Леонид, следната на некој друг… Искрено и од срце сакаме и ние да учествуваме во донацијата. Ако собирате одредена сума сакаме и ние да дадеме идентична сума како вас. Нашиот најдобар подарок и онака е секојдневната грижа и едукација на децата. Имајте убав ден и останете во добро здравје – напишале наставничките, кои инсистираа да останат анонимни, во заедничката Вибер-група со родителите на нивните ученици.

Родителите на второодделенците во ова одделение обезбедиле по 12.000 денари за Лео и за Кара. Дел од сумата била собрана на претходните училишни базари и ја чувале како резервен фонд, а друг дел ја собрале сега.

– Апелот го прифативме без размислување. Сметам дека 8 Март треба симболично да се празнува и ова е вистинскиот начин на кој и ние како родители се потсетуваме на вистинските вредности за солидарност и емпатија, кои и на децата треба континуирано да им ги пренесуваме. Покрај собраните средства за подарок, сите родители едногласно одлучија да ги донираме и останатите средства од буџетот на одделението кои ги имавме собрано од базари и слични настани. На Леонид и Кара им посакуваме што побрзо да се вратат во полно здравје – вели мајка на второодделенец во одделението.

Директорката на училиштето, Билјана Билбиловска, за иницијативата на наставничките дозна од нас. Вели дека ја поздравува.

– Нашето училиште, колективот и родителите заедно со Општина Центар секогаш сме вклучени во хуманитарни настани. Родителите се нашата најголема поддршка. Преку Советот на родители, средствата од разни активности секогаш се пренаменувале за хуманитарни цели, онаму каде што се најпотребни. Оваа година родителите хуманоста ја покажаа на еден поинаков начин. Наставнички од нашиот колектив во пониските одделенија ги замолиле родителите осмомартовскиот подарок да биде донација за некое дете, која ќе премине во традиција, со цел да се подигне свеста да подадеме рака онаму каде што навистина е потребна. Ја поздравувам идејата на наставничките и хуманоста на родителите. Со овој гест уште еднаш покажуваме колку ни е хумана професијата и покрај тоа што за жал многу малку е ценета. За нашите дела може многу да се зборува – изјави директорката Билбиловска.

И родителите и наставниците се надеваат дека во иднина никому нема да му треба ваква помош, но велат секогаш ќе се реагираат кога треба да се помогне.

Леонид Индов има тешка повреда на ‘рбетот поради која не може да ги движи рацете и нозете и за негов третман се потребни 200.000 евра. На 12-годишната Кара од Скопје ѝ се потребни 23 илјади евра за дијагностицирање на ретка болест, кое може да се направи во Шпанија.