Фото: Маја Јаневска-Илиева

Денеска беше пробовирана монографија по повод 60 години Универзална сала – Скопје, насловена „Скопскиот симбол на хуманоста“, од авторката Весна Дамчевска,во градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Книгата е издание на ЈУ Универзална сала – Скопје, а е објавена со поддршка на Град Скопје. Излегува по повод 60 години од зачетокот на благородната идеја да се изгради сала или културен простор што ќе има универзално значење и функција, наменет за организирање разни манифестации, културно-уметнички и помали спортски настани. Универзалната сала е замислена како мултифункционален простор што ќе служи како културен центар за скопјани. Проектот брзо го привлекува меѓународното внимание, па земјите од сите страни на светот ја нудат својата поддршка за да ја оживеат оваа амбициозна визија. Но низ годините салата станува многу повеќе од објект, таа станува олицетворение на солидарноста на Скопје, стоејќи како светилник на надеж, потсетувајќи ги луѓето дека не се сами во соочувањето со предизвиците. Салата станува домаќин на историски настани, поттикнувајќи го чувството на заедништво и единствена цел.
Оваа монографија собира на едно место дел од информациите, податоците, архивските материјали, сведоштвата за нејзината историја и културолошкото значење, преку текстови, фотографии, интервјуа, одгласи во медиумите… Книгата, покрај историјатот на институцијата, ги опфаќа и многубројните настани што традиционално се одржувале во овој простор, вкупно повеќе од 5.000 манифестации, проследени од над 5.800.000 посетители.