Фото: Официјална страница на Новак Ѓоковиќ

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ победнички се врати во Мелбурн и по 10-ти пат го освои „Австралија опен“, со што стигна до 22-та Грен слем титула.

Ѓоковиќ во финалето со максимални 3-0 го победи Гркот Стефанос Циципас, по сетови 6:4, 7:6 и 7:6. Со овој триумф се врати на светскиот врв и од понеделник повторно ќе биде прв на АТП листата.

-Сакам да им се заблагодарам на сите што направија да се чувствувам добредојдено, има причина зошто го играм најдобриот тенис овде, пред легендарниот Род Лејвер, ви благодарам што сте тука. Само моето семејство знае низ што поминав во изминатите пет недели, ова е најголемата победа во мојот живот, со оглед на околностите – изјави Ѓоковиќ низ солзи по натпреварот, а пренесоа сите светски новински агенции.

Циципас: Ти си најголемиот кој некогаш држел рекет во историјата

Емотивните изјави по финалето ги почна Гркот Стефанос Циципас, кој не штедеше зборови да му честита на Ѓоковиќ.

– Имав привилегија да играм многу мечеви со висок интензитет. Новак го извлекува најдоброто од мене, тој е најголемиот кој некогаш држел рекет во историјата – рече Циципас по мечот.

На тоа Ѓоковиќ одговори дека е „погоден од зборовите на Циципас“ и му се заблагодари на искажаната почит.

– Ти благодарам на таа почит и убавите зборови. Мислам дека и двајцата можеме да се сложиме дека на теренот сме лути ривали, но тоа не значи дека не треба да се почитуваме и да го признаеме трудот на ривалите. Го почитувам твојот труд, немаше среќа и ова беше тешка борба, ова не е твое последно грен-слем финале, имаш пред тебе повеќе време отколку јас. Честитки и за твојот тим и семејството, знам колку време поминувате за да станеш подобар на теренот и надвор од него. Ти си еден од најпрофесионалните на турнирот, еден од најинтересните момци, исклучително интересен лик си – изјави Ѓоковиќ.

Ноле: Горане, овој трофеј е и твој

Потоа, со многу емоции и низ солзи, му се обрати директно и на неговиот тренер, поранешниот хрватски шампион Горан Иванишевиќ.

– Ова беше неверојатно патување за мене, мојот тим и семејството. Знам дека сите ги толерираат моите лоши карактерни особини, но ја ценам вашата љубов. Горане… не знам дали некогаш ќе ми простиш, меѓутоа морам да повторам дека овој трофеј е твој исто колку што и мој – рече Ноле.

Тој зборуваше и за Србија и Грција како мали земји без тенисерска традиција, направи паралела на неговото и детството на Циципас, и испрати порака до младите тенисери.

– Би сакал да завршам со коментар за Грција и Србија. Ние сме две релативно мали земји кои немаат тениска традиција, не сме имале премногу играчи на кои сме можеле да се угледаме, а пораката за било кој млад тенисер или тенисерка во светот кои сонуваат да бидат тука каде што сме сега јас и ти е – сонувајте високо, не дозволувајте никој да ви ги одземе соништата, не е важно од каде доаѓате, јас мислам дека ако сте имале тешко детство, тоа ве прави посилни. Стефанос и јас сме доказ за тоа. Не дозволувајте никој да ви го одземе сонот, чувајте го, како што одгледувате цвеќе, дури и ако најдете само една личност на светот која ве поддржува во тоа, задржете ја и сонувајте високо, можете да успеете – рече Ѓоковиќ.

Мекинро: Србите и Хрватите беа во војна, а сега видете после 25 години…

Видеа и фотографии од емотивното прогласување на шампионот на „Австралија опен“ ги преплавија интернет-медиумите и социјалните мрежи, а на целата еуфорија не одолеа ни еден од најголемите тенисери на сите времиња – Џон Мекинро, кој изјави дека српскиот тенисер ќе освои уште најмалку три гранд-слема, а потоа се осврна и на односот Ѓоковиќ – Иванишевиќ.

– Се сеќавам кога Србите и Хрватите беа во војна, но сега, гледајќи ги двајцата како тим, кој можеше да помисли пред 25 години дека тоа ќе се случи. Овие момци се блиски и тоа е убава работа – изјави Мекинро.

Подготви: Н.Б.З.