Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека Русија ги завршила сите испораки на тактичко нуклеарно оружје за неговата земја, акција што предизвикува сериозна загриженост во соседна Полска и другите околни земји.

На економскиот самит на земјите собрани околу Русија, Лукашенко изјави дека испораките биле завршени уште во октомври, но не прецизирал колку нуклеарни боеви глави биле префрлени од Русија во Белорусија ниту каде биле распоредени, пишува „АП“.

За разлика од стратешкото нуклеарно оружје, кое е термонуклеарно, главно поставено на интерконтинентални балистички ракети и може да израмни цели градови и пошироки области околу нив, тактичкото оружје е класично атомско, има значително помала моќ и е наменето за употреба на бојното поле.

Сепак, тоа, како и термонуклеарното (водородно) оружје, произведува радијација што не познава граници меѓу земјите.

Русија долго време вели дека ќе ја задржи контролата врз тактичкото оружје во Белорусија, а Лукашенко изјави дека целта на распоредувањето на ова оружје е да се одврати можна агресија на Полска, членка на НАТО, врз Белорусија.