Фото: Принтскрин

Масивната брана Какховка, од времето на Советскиот Сојуз, што се наоѓа во јужна Украина а кој е под контрола на Русија, вчера беше крената во воздух, поплавувајќи ги околните области, јавија британските медиуми, повикувајќи се на извори од двете страни.

Непотврдени видеа на социјалните мрежи покажуваат серија интензивни експлозии околу браната Какховка. Друго видео покажува како вода протекува низ остатоците од браната.

Браната висока 30 метри и долга 3,2 километри е изградена во 1956 година на реката Дњепар, како дел од хидроцентралата Какховка.

Станува збор за една од најголемите брани во Украина која ја сече реката Днепар и чија стратешка важност за Русија е што од таму со вода се снабдува Крим, а за Украина што водата се користи за нуклеарната централа Запорожје. Браната е на околу 30 километри од Херсон.

Украинската војска соопшти дека руските сили ја урнале браната.

Сè уште нема „критична опасност“ за нуклеарната централа Запорожје поради уривањето на браната Какховка, соопшти синоќа руската агенција Тасс, цитирајќи официјален претставник во регионот Запорожје, кој е поддржан од Москва.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски свика итен состанок на Советот за национална безбедност и одбрана поради експлозијата на браната, јави на Твитер секретарот на Советот Олексеј Данилов, цитиран од британските медиуми.

-Руското уривање на ѕидот од браната Нова Какховка е екоцид, но националните и регионалните власти работат на обезбедување на безбедноста на локалните жители – напиша на социјалната мрежа Телеграм шефот на администрацијата на украинскиот претседател Андриј Јермак.

Тој додаде дека руските активности околу браната, исто така, претставуваат закана и за блиската нуклеарна централа Запорожје, без да наведе конкретни детали.

Русија негира дека го извршила нападот, и ја обвини Украина.

Градоначалникот на Нова Каховка, поставен од Москва, Владимир Леонтиев рече дека украинските напади на браната ги уништиле нејзините вентили и „водата од акумулацијата Каховка почна неконтролирано да тече низводно“.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека ја следи ситуацијата. Украинската агенција за нуклеарна енергија,пак, предупреди дека уништувањето на браната Нова Каховка може да претставува опасност за безбедноста нануклеарната централа Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа.

-Водата од акумулацијата Каховка е неопходна за станицата да добие струја за кондензаторите на турбините и безбедносните системи. Сега езерцето за ладење на станицата е полно – соопштија од Енерхоатом, кои се оператор на фабриката.