Фото: Горан Анастасовски

Со плетење се занимавам 40 години. Уживам во тоа, ме прави среќна и многу ме радува што ви се допаѓа мојата работа, вели Бети, која не го криеше задоволството што на публиката и се допадна колекцијата

За талентираната Елизабета Петковска Дауновиот синдром не беше пречка да си го оствари сонот и да реализира своја сопствена ревија со оригинални модни парчиња, накит и додатоци. Вчеравечер, во Културно информативниот центар на модната ревија „Јас, Бети- Сонот се остварува” таа ги претстави уникатните изработки во спој со модното ателје „Пер Семпре” (Пер Семпре) и ателјето за накит и модни додатоци „Мај прешeс“ (My Precious).

Елизабета вешто и со уживање ги изработиле плетените делови на моделите од летната модна колекција со традиционални елементи, кои беа презентирани на ревијата.

-Со плетење се занимавам 40 години. Уживам во тоа, ме прави среќна и многу ме радува што ви се допаѓа мојата работа – вели Елизабета, која не го криеше задоволството што на публиката и се допадна колекцијата.

Заедно со дизајнерките Елена Поповска и Јасминка Стојановска, Бети се впуштила во процесот на истражување на мотивите на плетените елементи кои се користат во креациите, во кои се вложени многу знаење, вештини и љубов. Во колекцијата се споени талентот на Бети, нејзините длабоки познавања на традиционалните вештини со модерните техники на професионалните дизајнерки.

Уникатните производи носат и значајна нематеријална вредност. Бети во секоја изработка ги внела врмето, срцето и целото битие.

-Таа не поттикнува сите да навлеземе во себе си, да ги запознаеме своите слаби и силни страни и да најдеме сила да ги оствариме нашите соништа – велат организаторките.

Елена Поповска објаснува дека сакаат да покажат дека може да дојдат до израз квалитетите на луѓето со атипичност.

-Секој може нешто да направи, често и нешто што многумина други не можат – вели Поповска.

Изработката на накитот од метал, вештина која се движи меѓу умешноста на занаетот и креативноста на уметноста преставува спој на иновацијата и традицијата.
-Во денешниот современ контекст може да се искористи во кративната економија како поттик за претприемачкиот дух – велат организаторките.

Изработувањето облека во која се вметнати рачно плетени елементи исто така е традиција на нашиот простор и во денешното време ретко се застапени.
На ревијата беше презнтирана специфичност на комбинацијата на модерните дизајнерски ноти со традиционалните изработки, хармонија на врската меѓу традиционалната применета уметност и модерниот дизајн.

Бројните гости, меѓу кои и првата дама Елизабета Пендаровска, долго аплаудираа на креативните изработки презентирани на ревијата.

Меѓу поддржувачите на настанот се првата приватна општа болница „Ре-медика“, чија директорка Елица Јорданова ја прими благодарницата од Петковска, како и Општина Гази Баба, за која благодарница прими градоначалникот Бобан Стефковски.