Фото: Игор Бансколиев

Најави и консултации за мерки и помош во справувањето со последиците од енергетската криза и потребната набавка на енергенси, го одбележаа и вчерашниот ден. Заклучокот од вчерашната седница на владиниот Економски совет е дека енергетската состојба е стабилна, a наредната недела Владата ќе излезе со мерки за најранливите категории граѓани и компаниите. Испратен е и апел за одговорно однесување кон енергенсите. На Економскиот совет коморите и синдикатите ги повторија своите барања, а ставови и совети изнесоа и експерти, универзитетски професори и академици. Во меѓувреме, продолжи и комуникацијата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ околу предлозите на опозициската партија, но и меѓусебните обвинувања во однос на блокадата на законите со кои треба да се делува во услови на прогласена кризна сосојба во енергетиката.

На состанокот на Економскиот совет биле разгледани сите опции за снабдување со електрична енергија од домашно производство, како и модалитетите за поддршка на стопанството и граѓаните на кои тоа им е потребно.

Премиерот Димитар Ковачевски на седницата потенцирал дека се обезбедуваат мерки за помош на компаниите преку Развојната банка, кои ќе овозможат ликвидност за компаниите и полесно пребродување на кризата во месеците кои следат.

Според министерот за финансии Фатмир Бесими, буџетот нема да има проблеми со ликвидноста и покрај економската криза, а бизнис заедницата може да биде спокојна, но и подготвена на одговорно работење. Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, пак, истакнала дека навремено се согледани макроекономските импликации на енергетската криза и оти се преземени сите потребни мерки за контрола на инфлацијата и одржување стабилен курс на денарот. Воедно е посочено дека финансиската стабилност и ликвидност на банките е обезбедена и во време на криза.

Академик Таки Фити вчера изјави дека најлошата варијанта на економска криза е онаа која значи едновремено паѓање на производството и класична рецесија, меѓутоа и релативно високи стапки на инфлација и високи стапки на невработеност.

– Оваа година ние нема да влеземе во таков тип на рецесија. Ќе видиме како ќе биде до година, бидејќи се зависи од тоа што ќе се случува со цената на енергијата, а нема шанси брзо да заврши војната во Украина – изјави Фити.

Поранешниот министер за финансии Никола Поповски, пак, смета дека е приоритет ценовата стабилност. Тој посочи дека светот денес е соочен со избор или да ја зачува макроекономската стабилност, што значи ниски цени и валутни односи и ниска инфлација или да жртвува дел од растот.

Претставниците на коморите очекуваат дека ТЕ-ТО ќе се стави во функција и оти ќе произведува струја поевтина од берзанската.

-Нашите мерки веќе ги соопштивме, да се ограничуваат маржите на производителите на струја. Се согласивме во иднина во делот на можното снабдување со струја од странство и производството во нашата држава да се направи калкулирање, да се најде просекот и тој просек да се сподели. Ако е нашето прозводство 100 евра по мегават час, а увозната струја 300 евра, тој просек да се подели и компаниите да плаќаат струја на слободниот пазар по пониска цена од берзанската – изјави претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија Неби Хоџа.

Претседателот на Соузот на стопански комори (ССК) Трајан Ангелоски информираше дека се разговарало како се направат одредени комбинации со вклучување на ТЕ-ТО и обновливите извори на енергија, да се добие цена од 300 евра која државата на некој начин би ја понудила на реалниот сектор и таа би била фиксна.

Да се изнесе реалната ситуација и да се промени методологијата на поддршка, побара првиот човек на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, кој беше еден од учесниците на состанокот на владиниот Економски совет.

– Да ни се каже реалната ситуација и да се промени методологијата на поддршка. Тоа значи да се биде сега и веднаш. Тоа нас не чини, бизнисот е менлива категорија и зависи од берзите од многу елементи – истакна Азески.

Според него, натамошната ескалација на енергетската криза ќе има негативен ефект кај 20-тина отсто од компаниите, кои и заради други причини не можеа да ги пребродат работите.

Барања пред Економскиот совет изнесоа и од Сојузот на синдикатите на Македонија. За доследна примена на одредбите од колективните договори за усогласување на платите согласно порастот на инфлацијата како и утврдување на ваква одредба во Општиот колективен договор за јавен сектор и Општиот колективен договор за приватен сектор, која ќе се однесува за сите работници и работодавачи. Исто така и за проширување на досегашните антикризни мерки со замрзнување на маржата кај досега определените продукти, како и проширување на повеќе прехранбени продукти, но и повторно да се воведе мерката за право на платежна картичка за купување домашни производи и плаќање на сметките за електричната енергија за одредена категорија работници и граѓани кои се најзагрозени и најпогодени од економската криза.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски соопшти дека се бара да се поделат вредносни картички за купување храна и плаќање на сметките за електрична енергија на одредена категорија на семејства, особено на оние чиј вкупен приход е во износ под просечна плата (31.812 денари) во едно четиричлено семејство во висина до разликата од синдикалната минимална кошница (48.230 денари).

Исто така, да бидат опфатени и категориите на средношколци и студенти кои се школуваат надвор од местото на живеење со субвенционирање на дел од трошоците од нивното сместување. ССМ бара и да се овозможи бесплатен градски превоз до и од работа со оглед дека таквиот трошок за вработените граѓани е секојдневен и неизбежен, а несомнено го оптоварува домашниот буџет.

Откако премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски завчера договорија ВМРО-ДПМНЕ да ги достави своите контакти за набавка на поевтини енергенси до министерот за економија Крешник Бектеши, вчера од опозициската партија информираа дека обврските што го имаше ВМРО-ДПМНЕ се исполнети. Предадени се контактите и договорени се средбите после кои Владата треба да изменаџира за количини на гас и мазут. Според договореното, Бектеши треба да ги исконтактира посочените субјекти за да се утврди дали нивните понуди ги задоволуваат потребните критериуми.

Од Владата најавија дека ќе ги разгледаат предлозите на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу предлозите е да се обезбеди енергенс за работа на ТЦ Неготино по цени поевтини од берзанските, а струјата што ќе се произведе да се даде на стопанството, за да се зачуваат работни места. Исто така и да се обезбедат ресурси за производство на електрична енергија и топлина од ТЕ-ТО Скопје, а сите јавни претпријатија од комунална и водостопанска дејност, да се префрлат од слободниот на регулираниот пазар.

Од СДСМ и вчера повикаа на деблокада и поддршка од ВМРО-ДПМНЕ на законите кои се битни за поефикасно справување со кризата, како што се измените на законите за енергетика, за енергетска ефикасност и за градење со кои се олеснува поставувањето фотоволтацили. Власта бара поддршка и деблокада и на Предлог законот за гаранција на обврските за заем и финансирање на Проектот за поддршка на ликвидноста на АД ЕСМ во услови на енергетска криза од ЕБОР, за Законот за нафта и нафтени деривати, како и спроведување на одлуката за кратење на финансиски средства во деловите на Буџетот коишто се со помал процент на исполнетост и нивна прераспределба кон ставки кои се однесуваат на справување со енергетската криза.

-Сите овие законски измени се важни за последиците од кризата да бидат пребродени што поефикасно и со што помалку штета врз граѓаните, врз стопанството и врз енергетскиот сектор. Над 50 закони се закочени во Собранието и тоа е неодговорно во време на криза, изјави вчера пратеникот од СДСМ Мартин Костовски.

Тој нагласи дека во пресрет на најтешката зима се обезбедени храна, енергенси и парно греење, а струјата се субвнеционира до 80 проценти за граѓаните и за 72.000 компании.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговорија дека е бесмислено да се бара подршка за закони кои, како што велат, не се доставени во Собранието. Милошоски како реакција на барањето на пратениците од власта за поддршка за закони за излез од кризата и прекинување на активната блокада, рече дека несериозно е да се одржи вонредна прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски на 28 септември, а до денеска тие закони да ги нема во Собрание.

-За разлика од неодговорноста на власта, ние како пратеничка група следниот ден на 29 септември, предложивме закон за измени на Законот за енергетика, преку кој училиштата и јавните претпријатија и болниците би биле на регулираниот пазар и сакаме да се интервенира што побрзо, но за жал владејачкото мнозинство иако законот е само три члена една недела се уште не замајува дека се преведува предлог законското решение на ВМРО-ДПМНЕ. Односно одолговлекува затоа што власта не е способна да ги достави до Собрание предлог законите за кои Ковачевски кажа дека се итни и бара поддршка а од нив нема ни трга ни глас во собраниските архиви. Тоа е бесмислено да се говори за закони кои не се доставени во Собранието – рече Милошоски.

Регионот очекува помош за справување со енергетската криза од Европската унија, а нејзини дипломати истакнуваат дека одлуките што се носат во ЕУ во таа насока го вклучуваат и Западен Балкан.

-Какви било одлуки коишто се носат во рамки на ЕУ, какви било мерки коишто се преземаат со цел справување со енергетската криза секогаш во нив е вклучен регионот на Западен Балкан, затоа што во овој момент и ЕУ и Западен Балкан се соочуваат со слични предизвици – изјави вчера шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава амбасадорот Дејвид Гир.

На прашање за помошта од Унијата за земјите од Западен Балкан за справување со енергетската криза во контекст на новиот пакет санкции против Русија, кој го подготвува ЕУ, а кој не вклучува изземање-дерогација за регионот, поради односот на Белград кон официјална Москва, евроамбасадорот посочи дека Европската унија обезбедува значителна финансиска поддршка за областа на енергетика. Првенствено преку т.н. зелена транзиција во обезбедување обновливи извори на енергија, инсталација на фотоволтаици во термоелектраната „Осломеј“ и во зголемување на енергетската ефикасност во јавните згради.

-ЕУ исто така обезбедува финансиска помош за гасната транзиција преку поврзување на интерконекторите од Република Грција кон Република Србија и Косово и таа финансиска помош во овие сфери на ЕУ се разбира дека ќе продолжи и во иднина. Се разбира, дека таа поддршка е на среден и на долг рок- рече евроамбасадорот Гир.

Објавите во медиумите се дека новиот пакет санкции против Русија не вклучува изземање-дерогација за Западен Балкан. Евроамбасадорот вели дека кога ќе бидат донесе одлуки во Брисел ќе може да ги објасни подетално. Тој истакна дека Северна Македонија, ги има усвоено и спроведено сите одлуки и санкции што ЕУ ги презеде кон Русија поради нападот врз Украина и како што рече, „разбрал дека Северна Македонија ќе продолжи да функционира во рамки на тие одлуки“.

Како што јави Радио Слободна Европа, новиот пакет санкции против Русија не вклучува изземање-дерогација за Западен Балкан.

-Србија не воведува санкции кон Русија, затоа не треба да има профит од дерогација. Со овој став се согласија и другите земји-членки, изјави анонимен дипломатски извор кој беше вклучен во дискусиите за новиот пакет санкции – пренесе РСЕ.

Во првиот нацрт на предлогот за новиот пакет санкции, Западен Балкан беше изземен од ограничувањата поврзани со увозот на руска сурова нафта. Во претходниот предлог беше наведено дека е неопходно да се предвиди дерогација за Западен Балкан, за да се заштити енергетската безбедност на регионот. Дерогацијата, според прелиминарната идеја, би овозможило транзит на руска сурова нафта преку нафтоводот низ Хрватска (ЈАНАФ), под услов таквиот транзит да остане во границите на просечните нивоа на транзит од претходните години за да се избегне заобиколување на санкциите.

Сепак, според дипломатски извори, по дискусија на ниво на амбасадори на земјите-членки на ЕУ, параграфот за изземање бил отстранет поради неусогласувањето на санкциите на ЕУ кон Русија од страна на Србија, кои се договор за руската агресија врз Украина.