Студената војна се врати на европска почва

Јошка Фишер

Конфликтот во Украина е обид да се врати часовникот назад во времето кога Русија беше суперсила што доминираше во Источна Европа. Сепак, во она што значи обид да се промени исходот од Студената војна, Путин ги прецени своите способности. Реалностите на теренот во Украина открија дека конфликтот мотивиран од носталгија за царското владеење беше гротескна погрешна пресметка.

Иако сè уште не знаеме како конфликтот ќе заврши или колку жртви ќе има (од двете страни), веќе е јасно дека Путин повеќе не може да победи – не на бојното поле, а особено не на светската сцена. Помеѓу неговите последни закани за употреба на нуклеарно оружје и мобилизацијата на околу 300.000 резервисти, тој несвесно ги разоткри сопствената слабост и страшната неволја во која го стави напредокот на украинското бојно поле. Сега се чини дека има мал избор, освен да ја претвори битката во целосна „војна“, искористувајќи ги сите стратегиски ресурси на Русија, вклучувајќи го и нејзиниот нуклеарен арсенал.

Ако Путин навистина го прекрши нуклеарното табу, кое постои од 1945 година, тој ќе ја претвори Русија во отпадничка, со што ќе дојде до нејзина речиси целосна меѓународна изолација. Индија и Кина нема да го следат Путин по тој пат, а САД и НАТО нема да толерираат таква опасна форма на ескалација. Како што веќе сигнализираа, тие ќе одговорат воено на добро пресметан, но ненуклеарен начин за да се осигурат дека Русија ќе се соочи со „катастрофални последици“. За Путин, нуклеарниот напад би бил уште еден чекор кон пораз.

Но што би значело ова за Европа? Бидејќи Русија и Европската Унија (ЕУ) ќе останат соседи што и да се случи, Европејците ќе мора да ја гледаат Русија како егзистенцијална закана. Одеднаш ќе се вратиме на воениот ќор-сокак, кој мислевме дека сме го надминале на крајот на Студената војна. Со оглед на тоа што Русија води конфликт за да ја избрише Украина од мапата, надежта за траен мир и стабилност мора да се напушти. Студената војна се врати, а нуклеарната сабја на Путин значи дека таа може да стане „жешка“, дури и радиоактивна. Европа мора да се помири со оваа реалност и да ги спроведе долгорочните промени што ги бара приспособувањето кон неа.

Како што стојат работите, ЕУ е далеку од тоа да биде голема сила. Иако е сериозно сфатена економски и технолошки, таа е многу под својата тежина од геополитички аспект, главно поради сопствените внатрешни поделби и конфликти. Катастрофата од Втората светска војна воведе процес на европско обединување што кулминира со создавањето на Унијата, со нејзината слобода на движење, заедничката валута и единствениот пазар. Но подлабоката политичка интеграција никогаш не изгледала возможна.

Како што станува реалност појавата на втората студена војна, ваквата состојба мора да се промени. Политичката интеграција е токму она што Европа мора да го постигне, освен ако не сака да живее под постојана, подривачка закана од воен напад и нуклеарна уцена. НАТО, со своите безбедносни гаранции, ќе остане силно само ако Европејците можат да ја зајакнат својата страна на трансатлантскиот мост. И тие можат да дадат поголем придонес во заедничката одбрана и одвраќање само со политичко здружување.

Агресивниот конфликт во Украина, се разбира, нагласи колку се важни САД за одбранбените капацитети на Европа. Но претседателскиот мандат на Доналд Трамп отвори сериозни прашања за долгорочната веродостојност на американските обврски. Актуелниот претседател Џо Бајден целосно го прифаќа принципот на трансатлантска солидарност и стои зад НАТО. Сепак, дали следниот станар на Белата куќа ќе го направи тоа?

Новата закана за источната граница на Европа, исто така, ќе го придвижи центарот на гравитација на ЕУ кон исток, давајќи им на тие земји-членки поголема улога во заедништвото на Унијата. Покрај тоа што е правна заедница и заеднички пазар, ЕУ ќе мора да стане безбедносна заедница, иако е тесно испреплетена со НАТО – процес што веќе започна со обидот на Финска и на Шведска да ѝ се приклучат на Алијансата.
Засега, непосредна задача е да се спречи акутната закана од војната што ќе излезе од контрола и ќе се прелее во Европа. Но на подолг рок, Европејците ќе треба да ги направат институционалните промени неопходни за воспоставување ефикасна безбедносна рамка.

Дали Путин знаел што прави кога дал наредба за инвазија на Украина? Веројатно никогаш нема да знаеме со сигурност. Но сега кога ја урна надежта за мир, Европејците ќе мора да се приспособат. Уште еднаш, слободата, демократијата и безбедноста на континентот не можат да се земаат здраво за готово.

Автор: Јошка Фишер е поранешен германски министер за надворешни работи и вицеканцелар од 1998 до 2005 година, а исто така беше лидер на германските Зелени речиси 20 години