Фото: Принтскрин

Не мислев дека ова е можно во Америка, рече поранешниот американски претседател Доналд Трамп во вторникот вечерта за обвинението што му беше прочитано неколку часа претходно во судот во Њујорк. Тој се обрати пред стотиците поддржувачи од неговата резиденција во Мар а Лаго на Флорида.

-Единствениот прекршок што го направив е бестрашно да ја бранам нашата земја од оние што сакаат да ја уништат – рече Трамп и обвинението го нарече „навреда за нацијата“.

Трамп додаде дека САД одат по ѓаволите и дека дури и оние што не се негови обожаватели велат дека такво нешто не треба да се случи. Продолжи да тврди дека сето тоа се случува заради изборите и дека окружниот обвинител во Атланта, за кој рече дека е расист, прави сè што може за да го обвини.

-Овој лажен случај е покренат само за да се меша во претстојните избори во 2024 година. Треба веднаш да се отфрли – рече тој.

На крајот Трамп додаде дека во неговиот случај тоа е прогон, но дека може да ја држи главата горе.

Поранешниот американски претседател ѝ се обрати на јавноста од истата сала каде што ја објави својата трета кандидатура за Белата куќа на 15 ноември.

Трамп (76) вчера пред судот на Менхетен се изјасни за невин за фалсификување сметководствени документи, на сослушување кое ги разбранува страстите во земјата.

Откако излезе од судницата како слободен човек, без судски надзор, Трамп ќе се обиде да направи сè за да го спречи судењето во јануари 2024 година, само неколку месеци пред претседателските избори за кои се кандидира.

Трамп е обвинет дека ја платил порноѕвездата Сторми Даниелс во 2016 година за да молчи за нивната врска пред претседателските избори. Даниелс рече дека ѝ платил 130.000 долари за тоа. Трамп ги отфрла обвинувањата и тврди дека тие се политички мотивирани.

Покрај овој случај, Трамп, кој двапати беше отповикан од Конгресот, е под посериозни истраги за неговата улога во нападот на Капитол, управувањето со претседателските архиви.