Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска одржа прес-конференција на која даде нови информации за состојбата со коронавирусот во Македонија. 

Во државата моментно има 18 позитивни на коронавирус, од кои шестмина се од вчера. Пациентите се сместени во одделот за изолација и се во стабилна состојба, а пациентка од Дебар е на респираторна машина, соопшти Филипче.

– Добивме седум нови материјали на лица од Штип, Куманово, Тетово, Кичево и Охрид. Во текот на денот ќе бидат готови резултатите. Дел од нив се вратени од Швајцарија и Германија, развиле висока температура и веќе се во одделите за изолација. Меѓу нив се две бремени жени, една од Дебар и е пренесена во Охрид, а една е во Скопје. Тие се во стабилна состојба – изјави Филипче.

Тој соопшти дека на клиниките ќе се третираат само итни случаи, додека пак,  прегледите на хронично болните се одложуваат. Координирањето до медицинските лица може да се одржува и телефонски. Детската болница во Козе ќе биде спремна да прими деца заразени со коронавирусот, а тие ќе бидат изолирани од возрасните, доколку има таков случај.

Филипче информираше дека во Македонија има околу 120 респиратори, од кои 90 во Скопје, а додаде и дека синоќа сосотојбата во Дебар и Центар Жупа е стабилна и без инциденти.