Американскиот претседател Доналд Трамп стави вето по вторпат во неговиот мандат, овојпат за да го прошири американското учество во граѓанската војна во Јемен, пишува магазинот „Атлантик“. На тој начин, тој постапи против волјата на американската јавност, сенатот и претставничкиот дом, здружувајќи се со Саудиска Арабија.

– Саудијците водат војна во Јемен против бунтовниците Хути, а американската поддршка претставува скршнување од американската надворешна политика која Трамп ја вети – се наведува во анализата.

– Ниту еден од американските интереси на Средниот Исток, меѓу кои спаѓаат спречување на појавата на регионален хегемон, спречување на поголемо нарушување на глобалното снабдување со нафта и елиминирање на меѓународни терористи кои се директна закана за САД, не ја оправдува поддршката кон Саудиска Арабија во војната во Јемен – вели експертот Бенџамин Фридман од „Дифенс прајоритис“.

Трамп даде објаснување за неговото вето.

– Оваа решение е непотребен, опасен обид за ослабување на моите уставни надлежности, со што ги загрозува животите на американските граѓани и храбрите луѓе во униформа, денеска и во иднина – објави Трамп преку соопштение.

Во анализата на „Атлантик“ се наведува дека објаснувањето е бесмислено, бидејќи претседателот нема уставен авторитет да ги вклучи САД во странска војна што конгресот ја отфрла, а згора, војната претставува и морална грозотија, што резултира со бројни цивилни жртви и воздушни напади, додека милиони се на работ на општа глад.