Најмалку шест луѓе ги загубија животите во големото невреме проследено со дожд, град и со силен ветер, што синоќа го зафати грчкиот полуостров Халкидики, според грчките медиуми.

Меѓу загинатите се Романка и нејзиниот осумгодишен син врз кои се срушил покрив во таверна во местото Неа Плагија, двајца чешки туристи во Созополи, како и Русин и неговиот двегодишен син врз кои паднало дрво пред хотел во Неа Потидеа. 

Десетици лица се повредени, од кои четири се во критична состојба, а се трага по уште неколкумина исчезнати.

Надлежните служби добиле околу 600 повици за помош. Повеќе области од Халкидики останале без струја, додека отежнато е движењето по патиштата поради паднатите дрвја. Нанесена е и значителна материјална штета.