Во САД во текот на годинава регистрирани се повеќе масовни убиства од кога било досега, односно 2019 е евидентирана како рекордна година во однос на оваа неславна статистика, пренесува Би-би-си.

Според податоците собрани од агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП), весникот „Ју-ес-еј тудеј“ и Универзитетот „Нортистерн“, годинава се регистрирани 41 напад, во кои загинале 211 лица.

Како масовно убиство се дефинира убиство на четири или повеќе лица во ист случај, без вклучување на сторителот.

Во 33 од вкупно 41 напад, било користено огнено оружје, а Калифорнија има најголем број масовни убиства во однос на останатите сојузни држави.

Но, иако најголем број на вакви инциденти е забележан во 2019 година, најголем број жртви од масовни убиства е регистриран во 2017. Тогаш во масакри загинаа 244 лица. Бројот на жртви беше голем бидејќи во 2017 година се случи и најсмртоносното пукање кон цивили во американската историја, кога 59 луѓе беа убиени на музички фестивал во Лас Вегас.

– Бројот на масовни убиства во САД е зголемен, иако вкупниот број на жртви е намален – констатира криминологот и професор на државниот универзитет во Минесота, Џејмс Денсли.

Тој нагласува дека многу масовни убиства дури и не стигнуваат на насловите страници на америкнскте медиуми затоа што некогаш се работи и за семејни расправии, конфликти меѓу банди од подземјето или насилства поврзани со дрога кои не ја засегаат општата јавност.