Владата попладнево на седница усвои протокол за почеток на учебната година на 1 октомври наместо на 1 септември.

– Владата денеска донесе одлука за формирање на работна група во којашто ќе учествуваат претставници од Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и од Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија. Оваа работна група ќе ја следи состојбата и ќе дава мислење за подготвеноста на основните и средните училишта за спроведување на наставата во услови на ковид-19 по поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство, како исклучок од задолжителната онлајн настава за учениците од четврто одделение во основното образование и за учениците до четврта година во средното – соопшти Владата.

Во рамките на заклучоците по оваа точка, Владата го задолжи МОН да го промени календарот за учебната 2020/2021 година со што наставниот процес наместо на 1 септември да започне на 1 октомври.

Претходно денеска, мандаторот Зоран Заев, кажа дека тенденцијата на новата влада ќе биде учебната година да почне на 1 октомври.