Седумнаесетти пат е накитена подводната новогодишна елка на дното на Охридското Езеро. Нуркачите на нуркачкиот центар „Амфора“ и Клубот за подводни активности „Охрид“ ја поставија и украсија подводната новогодишна елка на дното на Охридското Eзеро кај Заливот на коските, Градиште.

На еден редок и уникатен начин тие своите новогодишни честитки ги упатуваат до децата со ретки болести на кои им ја посветуваат оваа ретка подводна новогодишна елка.

– Со желби за добро здравје, навремена дијагноза и достапност на лековите кои значат живот за децата со ретки болести по трет пат им ја посветуваме оваа елка токму нив, бидејки во нивниот живот полн со предизвици  им е најпотребна нашата поддршка. Настанот на китење на подводната елка како една своедвидна атракција има големо значење за промоцијата на Охрид и претставува уште една причина да се посети Музејот на Вода – изјави Јован Секуловски, претседателот на нуркачкиот клуб „Амфора“.

За китењето на елката под вода, се заблагодари и Гордана Лолеска, граѓански активист и член на здружението на граѓани со ретки болести „Живот со предизвици“. 

– Благодарност до моите сограѓани за несебчната поддршка која ми ја даваат овие неколку години. Мојата желба е повеќе слух од институциите за пациентите со ретки болести и усвојување нацрт-документот за Национална стратегија за ретки болести од страна на владата со која ќе се унапредат политиките за грижа на овој тип на пациенти – изјави Лолеска. 

Весникот „Нова Македонија“ уште од првиот ден ја поддржува оваа традиција, која по Охрид ја прифатија и други земји од Балканот. В.Т.