Илустрација / Фото: Нова Македонија

Во ситуација кога климатската криза значително се влошува и кога светот е со тенденција здраво да се подели на два стратегиски блока, веќе влегуваме во нова реалност, каде што намаленото производство (поради климатската криза) и затворањето на пазарите (поради гореспоменатата блоковска поделеност) ќе носат не само растечки цени туку и недостиг од прехранбени производи…

Светските трендови на високи скокови и мали падови на чинењето на прехранбените продукти се одразуваат и врз Македонија

 

Европските аналитичари прогнозираат дека „цените на храната ќе пораснат побрзо од претходните децении“. Тие велат дека поради климатските и геополитичките фактори, цените на храната ќе продолжат да растат подинамично во наредните години отколку во изминатите децении, кога тие се движеа меѓу нула и еден процент. И домашните експерти сметаат дека нема веќе да има евтини производи. Заеднички именител на констатациите на повеќе наши соговорници, а и од анализите на странските експерти, е дека времето на евтини производи помина, а и дека „цените на производите повеќе нема да се вратат назад како пред кризата“. Нема веќе да јадеме леб за 30 денари, маслото веќе никогаш нема да биде 60 денари, ниту млекото 30 денари за литар, брашното 20 денари за килограм… Економистите велат дека тоа се глобални текови што ги наметнуваат светските пазари.

Калин Бабушку: Во наредниот период цените ќе се нивелираат, но не очекувам да се вратат на нивото на кое беа

– Цените на прехранбените продукти беа на многу ниско ниво и тоа го покажа пандемијата. Геополитичките фактори само го потврдија тоа и беше и очекувано дека ќе има пораст. Моето мислење е дека во таа игра имаше голем број „воени“ профитери што успеаја на грбот на потрошувачот брзо и нереално да се збогатат. Покачувањето на цените се очекуваше и требаше да биде некаде околу 30, максимум до 40 отсто, но она што го направија некои навистина не беше во ред и доведе до нереално нарушувања на пазарот – објаснува Калин Бабушку, управител и сопственик на компанијата „Македонија експорт“.
Според него, во наредниот период цените ќе се нивелираат, но не очекува да се вратат на нивото на кое беа. Тој вели дека ќе имаме некоја стабилност, која ќе трае кратко и ќе зависи од климатските и геополитичките фактори, како и од инфлацијата, која удира на сечија врата.
– Македонија, како и сите други земји, реагираше на тековните промени и бидејќи ние сме увозно зависна земја, нормално беше да се очекува дека ќе имаме зголемување на цените на прехранбените продукти. Сега следува период на стабилизација, односно покачувања на цени што ќе ја следат како домашната, така и странската економијата, но и инфлацијата – нагласува Бабушку.
Како што вели тој, во изминатиот период имало значително намалување на купувањето на основните производи, но тој смета дека сега веќе влегуваме во фаза на нормализирање на тие работи.
– Од друга страна, ова поскапување и убаво влијаеше и во навиките кај купувачите, па ако порано се купуваа енормно непотребни количества на прехранбени продукти, сега веќе луѓето почнуваат да купуваат колку што им треба. Ќе треба време да се навикнат како купувачите така и продавачите на тие нови начини на купување. Така што веќе полека купувачите ќе се откажат од стариот начин на купување и ќе почнат да се приспособуваат на новиот начин на купување, но никако нема да има откажување од купувањето основни и неосновни прехранбени продукти – вели Бабушку

Савевски: Следува и недостиг од прехранбени производи

Според економскиот аналитичар Здравко Савески, климатските и геополитичките фактори сѐ повеќе ќе влијаат врз порастот на цените на храната. Тој додава дека во ситуација кога климатската криза значително се влошува и кога светот се дели на два блока, веќе влегуваме во нова реалност, каде што намаленото производство (поради климатската криза) и затворањето на пазарите (поради блоковската поделеност) ќе носат не само растечки цени туку и недостиг од прехранбени производи.
– Иако Македонија не е на првата линија на удар, нејзината економија е интегрирана во светската и не е можно светските трендови да не се одразат и врз нас. Оваа нова реалност налага да дојде до промена на нашето однесување и како потрошувачи и како граѓани. Како потрошувачи, потребно е да се намали импулсивно купување на вишок стоки (односно да не се фрлаат пари на она што реално не ни е потребно), повеќе да се купува непреработена храна (која е и поевтина и поздрава), како и поголема внимателност да не се фрла храна, а со тоа и пари – укажува Савески.
Како граѓани, според него, мора да го промениме нашиот однос кон себеси како политички актери, односно да почнеме да се гледаме како граѓани не само формално туку и фактички. А тоа значи во ситуација кога политичкиот естаблишмент одбива да преземе мерки и во врска со климатската криза и околу запирањето на војните, тоа треба да му се наложи преку граѓански притисок.
– Едноставно, мора да се разбере дека постои цена за недејствувањето. Ако не преземеме мерки против климатската криза, треба да бидеме свесни дека тоа ќе донесе повисоки цени на храната, па и недостиг. Дури и да има значително поголеми вложувања во земјоделството од сегашното ниво, глобалното нарушување на климата ќе носи сѐ почести суши и поплави што негативно ќе се одразат по квантитетот и квалитетот на произведената храна, а со тоа и по цената – потенцира Савески.

Македонија ќе биде сѐ позависна од увоз на храна?!

Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, смета дека ние ќе бидеме сѐ позависни од увоз на храна, бидејќи домашното производство се намалува за сметка на увозот на храна. Во услови кога сме зависни од увоз на храна, светските берзи се тие што ги диктираат цените и ние не можеме многу да влијаеме на нив.
– Зголемувањето на цените на енергентите и на суровините е дел од глобалните текови што ги диктираат светските пазари. Компаниите треба да разберат дека нема веќе евтини енергенти и суровини и нема да има враќање на цените како пред пандемијата. Ако сакаат да опстанат на глобалниот пазар, мора да се преструктурираат, реорганизираат и да бидат пооперативни и попродуктивни. Едноставно, сите што сме дел од стопанството мора да ги прифатиме глобалните предизвици за да одиме напред – изјави Бошков.