Во наредните десет дена очекуваме намалување на цените на основните прехранбени производи, посебно на тие наведени во Одлуката за утврдување на маржите од 5 до 12 отсто. И во делот на лебот веќе почна поевтинувањето. Очекуваме во наредните 3-4 дена намалување на цените на млекото и млечните производи, а до крајот на наредната недела и намалување на цените на месните производи, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Како што изјави Бектеши по брифингот со новинарите, од 1 декември се очекуваат и поголеми поевтинувања, ако суровините останат со истите увозни цени.
-Утре ќе се донесе дополнителна одлука со која ќе се прошири списокот на дејностите кои ќе бидат поддржани од Владата согласно барањата на Стопанската комора и целиот ланец на месната индустрија ќе биде покриен со субвенционирана електрична енргија – рече Бектеши.
Според него, преку Царинската управа се следат увозните цени.
– И таму почна да има намалување, а листата на тие што ќе добијат субвенционирана струја ќе се достави до Државниот пазарен инспекторат и ќе се направат соодветните контроли. Ги повикувам потрошувачите и граѓаните, доколку утврдат дека нема намалување на овие производи согласно процентите, да пријават во Државниот пазарен инспекторат – рече Бектеши.
Тој уште еднаш напомена дека се направени сите подготовки во делот на обезбедувањето на производство на електрична енергија, посебно за зимава и за грејната сезона која трае до крајот на март.
– Не очекуваме никакви проблеми во снабдувањето на потршувачите со струја и со топлинска енергија – потенцира министерот.