Пониската повластена цена на струјата (од 80 евра за мегават-час) ќе ја добиваат физичките и правните лица од прехранбениот сектор, додека водостопанските претпријатија и училиштата ќе ја добиваат по цена од 95 евра за мегават-час. Оваа струја е наменета само за производствените погони, пумпите за довод на вода, пречистителните станици и за училиштата. Другите компании и претпријатија ќе плаќаат струја по пазарна цена

Владата ги Објави процедурите за користење повластена цена на струјата

По неколкумесечно најавување, Владата на Македонија излезе со новата мерка за субвенционирање на струјата за 200 компании од прехранбениот сектор, училиштата, јавните претпријатија и пречистителните станици. Фирмите што се ставени на „повластената“ листа треба до 10 ноември да поднесат документи за снабдување со струја од ЕСМ, која се обврзува да им испорача електрична енергија со цена од 80 и 95 евра по мегават-час. Пониската повластена цена на струјата (од 80 евра за мегават-час) од први декември ќе ја добиваат физичките и правните лица од прехранбениот сектор, додека водостопанските претпријатија и училиштата ќе ја добиваат по цена од 95 евра за мегават-час. Оваа струја е наменета само за производствените погони, пумпите за довод на вода, пречистителните станици и за училиштата. Потрошувачите на субвенционираната струја ќе ја користат повластената цена до 30 април 2023 година. Договорите ќе се потпишуваат од први до 10-ти секој месец. Документите што треба да ги пополнат компаниите, училиштата и водостопанските претпријатија веќе се ставени на интернет-страницата на ЕСМ, а нивното нагодување се врши електронски. Другите компании и претпријатија ќе плаќаат струја по пазарна цена.
При соопштувањето на правилата за користење повластена цена на струјата, премиерот Димитар Ковачевски информира дека засега нема увоз на енергија за регулираниот пазар во Македонија, иако сите земји од регионот се соочиле со рестрикции. Кризата, како што дополни тој, го одложи планираното затворање на РЕК „Битола“ и на ТЕЦ „Осломеј“, поради стратегијата на земјата за ориентирање кон почисти и обновливи извори на енергија.
Премиерот Ковачевски истана дека веќе се утврдени процедурите и ЕСМ ја подготвила потребната документација, врз основа на која ќе се склучат договорите со „ЕСМ продажба“ за снабдување со електрична енергија за физички и правни лица регистрирани за вршење приоритетна дејност од областа на прехранбената индустрија, јавни претпријатија од областа на водостопанството, како и основните и средните јавни училишта.

– Оваа одлука е донесена со цел да се спречи растот на цените на одредени прехранбени производи, да се одржат сигурност и континуитет во снабдувањето со вода и одведување и пречистување на водата, како и да се обезбеди електрична енергија за училиштата за непречено одвивање на наставата во текот на целиот есенски и зимски период – рече Ковачевски.
Потрошувачите можат да склучат договори за снабдување со електрична енергија од АД ЕСМ секој први во месецот, односно, 1 декември 2022, потоа 1 јануари, 1 февруари, 1 март и 1 април 2023 година. Со оваа мерка се опфатени три категории потрошувачи. Во првата се физички и правни лица регистрирани за вршење приоритетна дејност од областа на прехранбената индустрија, односно во производството и прометот на основните продукти: месо, млеко, леб, масла итн. Цената на електричната енергија за нив ќе биде 80 eвра за мегават-час и ќе важи само за потрошувачката на броилата за извршување директно на приоритетната дејност, значи исклучиво во производниот процес. Главната цел е да се одржи стабилна цената на основните прехранбени производи, односно да не дојде до раст на нивните цени предизвикани од исклучително високите сметки за струја или прекин на производството. Во таа насока, премиерот Ковачевски препорача до сите субјекти да бидат солидарни и како што некои веќе и најавија цените на основните прехранбени продукти што се опфатени со оваа мерка да се намалат, најмалку за 10 отсто.
Во втората категорија на повластени потрошувачи на струја се јавните претпријатија од областа на водостопанството, собирање и одведување урбани отпадни води и прочистување отпадни води што работат со пумпни или пречистителни станици. Целта на нивното префрлање на „ЕСМ продажба“ е тоа што струјата за нив е клучна за функционирањето на пумпите и пречистителните станици и не смее да се дозволи поради високата цена или следствено исклучување поради неплатени сметки да дојде до тоа пумпите да останат без струја и да се загрози водоснабдувањето или одведувањето и прочистувањето на водите.

Цената на електричната енергија за нив ќе биде 95 евра за мегават-час.
Во третата категорија се основните и средните јавни училишта, со цел да се обезбедат топли училишта и топли болници. Владата со одлука обезбеди поевтина струја за 365 основни и 109 средни училишта, како и за здравствените установи, односно повластена цена на струјата од ЕСМ од 95 евра за мегават-час.
Од Владата нагласуваат дека граѓаните нема да ја пребродуваат сами оваа криза, со што ќе продолжи да се субвенционира цената на струјата со 80 отсто за над 600.000 домаќинства и 72.000 мали потрошувачи фирми, кои вработуваат 98 отсто од работниците во државата. Најранливите категории или 42.000 граѓани ќе добиваат директна финансиска помош. Исто како и 330.000 пензионери, кои покрај зголемените пензии дел од нив, оние со најниски пензии, ќе добијат 3.000 односно 6.000 денари поддршка оваа зима, во согласност со последниот пакет антикризни мерки.
Од АД ЕСМ информираа дека ги подготвиле процедурите, договорите и придружните документи потребни за склучување договори за снабдување на дел од прехранбената индустрија, водостопанствата и јавните училишта. Истите тие, како што информираат оттаму, се поставени на официјалната страница на АД ЕСМ од каде што засегнатите субјекти ќе можат да ги симнат, да ги пополнат, да ги потпишат и да ги испратат на соодветните е-адреси што се наведени во упатствата, како и во архивата на АД ЕСМ. М.Ј.