Во рамки на официјалната посета на Естонија, министерот за надворешни работи Бујар Османи го посети НАТО Центарот за кооперативна сајбер одбрана (NATO Cooperative Cyber Defence Centre of Excellence – NATO CCDCOE) со седиште во Талин.

На средбата со директорот на Центарот, Март Норма, министерот Османи потенцираше дека сајбер безбедноста е високо на агендата на Владата на Македонија, која презема низа активности за јакнење на национални капацитети за справување со овој тип предизвици, базирани на националните Стратегии за сајбер безбедност и хибридни закани.

Османи, како што соопшти МНР, информирал дека Владата континуирано соработува со сите засегнати страни – приватната индустрија, истражувачката и академската заедница и граѓанското општество на подобрување на превенцијата, одговорот и закрепнувањето од нападите на критичната инфраструктура, кои со почетокот на војната во Украина станаа позачестени и поинтензивни.

– На денешната средба, Северна Македонија како членка на НАТО и дел од регионот на Западен Балкан кој е изложен на сајбер закани беше прифатена во НАТО центарот за извонредност за сајбер одбрана и е во процес на полноправно членство. Во рамките на процесот, Северна Македонија ќе може да ги користи алатките на Центарот за да ја засилува сопствената отпорност од хибридни напади и да ја зајакне заштитата на критичката инфраструктура – се наведува во соопштението од МНР.

НАТО Центарот за кооперативна сајбер одбрана е основан во 2008 година, и има статус на Меѓународна воена организација. Неговата мисија е поддршка на земјите-членки и НАТО со единствена интердисциплинарна експертиза во областа на истражувањата, обуки и вежби за сајбер-одбрана.