Магацините и халите на штипските текстилни конфекции се затрупани со текстилен отпад. Материјалот кој останува по шиењето на готовите текстилни производи се складира и мора да помине низ посебна процедура, за да се транспортира на градската депонија „Трештена скала“.
Кирил Нашков, претставник на штипските текстилни конфекции во текстилниот кластер вели дека токму тој отпад е неубава слика пред странските партнери, кога ги посетуваат фабричките погони, за склучување нови договори.
– Но, сега веќе сите знаат, на почетокот на партнерите мораше да им објаснуваме што тоа значи и зошто го правиме. Се снаоѓаме, со тоа што подискретно го складираме тој отпад, но сега засега таква е законската процедура. Прво треба да поминат од Царина да го видат тој отпад, потоа да го складираме и уништиме – вели Нашков.
Токму овој отпад е шанса за бизнис, посочува Нашков, но и Борис Шарковски од Фондацијата за развој на локалната заедница (ФРЛЗ) и Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.
Нашков со партнер од Хрватска пред пет години создале фирма за рециклирање и искористување на текстилниот отпад од македонските текстилни фабрики и тоа за автомобилската индустрија во Хрватска. Но, идејата пропаднала поради актуелните закони и прописи во земјава.
– Тогаш не најдовме разбирање од Царинската управа, бидејќи баравме да нè ослободат од вредноста на тој отпад. Тогаш ни рекоа дека не може да се смени таа регулатива, тешко е да се организира таа промена и така тоа остана и фирмата чека некои подобри времиња. Мислам штета е тој отпад да се уништува на овој начин, како што сега го уништуваме. Прво ја загадуваме животната средина, потоа имаме огромни трошоци за него, а во целиот свет се рециклира и се прави некаков производ од него – вели Нашков.
Две невладини организации ФРЛЗ и „Гласен текстилец“ веќе неколку години работат на рециклирање на текстилниот отпад. Шарковски од ФРЛЗ вели дека имаат истражувања и анализи за рециклирањето на текстилниот отпад. Забележува дека текстилниот отпад го гледаат не како отпад, туку како ресурс со кој може да се произведе нов производ со додадена вредност.
– Она што ние со овој проект го правиме е прво да ја подигнеме свеста на луѓето дека текстилниот отпад не е само отпад, туку е ресурс, репроматеријал, којшто може да овозможи економска независност на одредени социјални категории луѓе – вели Шарковски.
Посочува дека подолго време од текстилниот отпад произведуваат перници за седење, украсни перници, потоа за домашни миленици и кукли за деца.
– Но исто така има и други начини којшто може да се употреби за изолациски панели, бехатон-плочки, широка е употребата – вели Шарковски.
За време на пандемијата ангажирале текстилни работнички кои останале без работа, а по неа и лица од социјално ранливите категории кои ги шијат производите од текстилниот отпад.
На истата проблематика со години работи и „Гласен текстилец“. Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ вели дека како здружение формирано од текстилни работнички имаат прилично познавање од работењето со текстилен отпад, лон-производство. Посочува дека со поддршка на фондацијата „Kvinna till Kvinna“ имале можност овие две години да поработат подлабоко на тој сегмент и се однесува на вистинско економско зајакнување на жените преку социјални претпријатија или задруги.
– Дополнително во време на корона-кризата многу жени од текстилниот сектор останаа без работа (самохрани мајки, хронично болни, мајки на деца до 10 години), па го видовме и на дело недостигот од тоа лон-производство во време кога никому не му беше дојдено до модни парчиња и брендови поради фактот што целиот свет беше затворен и бевме дома. Дополнително и онаа зелена агенда која ни се наметна како потреба, а во која брзата мода е на второ место како глобален загадувач, нè натера да ги следиме искуствата во светот и регионот. Нашето следење се однесуваше на: како да работиш со текстил, а да си солидно платен и имаш плата достојна за живот, како да создадеш работни места кои имаат соодветни услови и убава работна атмосфера, работни места чија мисија е профитот да биде поделен еднакво, а дел и за планирање нови работни места на жени и лица во социјален ризик, но и како да бидете одговорни кон животната средина со значително намален текстилен отпад, а воедно да придонесувате кон нови и добро платени работни места – вели Ампева.
Забележува дека е потребна стратегија, но и закон за социјални претпријатија и задруги, а токму за време на корона-кризата покажаа и докажаа дека стабилни и отпорни за разлика од типичните фирми.
– Исто видовме и кај нас дека жени кои ги изгубија работните места во време на корона-кризата почнаа со шиење маски, торби, промотивни материјали и имаа солидни приходи откако ги изгубија работните места. Но сепак ни треба законска регулатива и следење на позитивните пракси, како на пример во Полска, фондови и поголемо разбирање од властите дека ова е модел на иднината кој е солидарен, фер, се грижи за најранливите, е општествено и социјално одговорен, а воедно и се грижи за заштита на животната средина и од отпадот се отвораат нови и платени работни места – вели Ампева.
На штипската депонија завршуваат од 600 до 700 тони отпад од текстилните конфекции
Анализите на Фондацијата за локален развој на заедницата покажуваат дека на штипската депонија „Трештена скала“ завршуваат од 600 до 700 тони текстилен отпад наместо да се рециклира, односно да се искористи за производство на нови текстилни производи.
Директорот на штипското комунално претпријатие „Исар“, Трајче Здравков, за МИА појаснува дека на депонијата годишно пристигнува околу 30.000 тони различен отпад, од кои потврдува дека од 600 до 700 тони се од штипските конфекции, со што во вкупниот отпад учествува со околу три проценти. Се согласува дека овој отпад влегува со 40 проценти, но ако се земе во делот на индустрсикиот отпад, кој пристигнува на депонијата од сите индустриски капацитети од Општина Штип.
Комуналниот инспектор во Општина Штип, Борче Везенков, вели дека е добро што од 1 јануари 2023 година во сила стапува новиот Закон за употреба на текстилен отпад, масла и гуми од возила.
– Според новиот Закон, член 52, градоначалникот има обврска да одреди локации на кои ќе има селектирање на овој отпад. Се планира на местата каде што ќе бидат поставени контејнери за примарна селекција, а знаете дека на повеќе локации во градот има контејнери во боја, за пластика, хартија и стакло, се надевам дека на истите тие места ќе бидат обезбедени и контејнери за одделено селектирање на текстилниот отпад – вели Везенков.
Штипската депонија изминатото лето беше запалена од непознати сторители, на неа гореше секаков отпад, меѓу кој е текстилниот. Горењето на депонијата е и загадување на животната средина, а во околните села и градот се чувствуваше непријатна реа.
Текстилниот отпад се користи и како енергент
Модната индустрија е еден од загадувачите на животната средина, поради несоодветната искористеност на отпадот. Маријана Ацевски-Томовска од Текстилната конфекција „Златекс“-Скопје вели дека современиот начин на живеење налага да се размислува на поинаков начин за квалитетот на животната средина. Текстилниот кластер подолго време се трудеше да изнајде начин како да се третира текстилниот отпад, а истовремено да се почитуваат еколошките стандарди. До пред извесен период целиот текстилен отпад завршуваше на депониите. Меѓутоа, со реализација на регионалниот проект „Енергија од отпад за цементната индустрија од Западен Балкан“, со директна поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка, се создадоа услови за користење индустриски текстилен отпад како алтернативно гориво во цементарница.
– Со овој проект, го правиме тоа на начин што го носиме текстилниот отпад во Цементарница „Усје“, каде што се согорува со многу висока температура и се претвора во гориво, а притоа не испушта штетни гасови во воздухот. Втор бенефит е тоа што во соработка со Царинската управа е поедноставена постапката за уништување на текстилниот отпад и не помалку важен бенефит е тоа што се намалени трошоците – рече Ацевски-Томовска.
Директните увозници имаат капацитет да собираат и транспортираат отпад, но малите произведувачи зависат од организаторите, посочува Љупка Миладинова-Џамбазовски од текстилната конфекција „Албатрос“-Штип.
– Носењето на отпадот до Цементарница треба да го организираат самите компании, така што тоа би требало да се врши редовно, а сега со новите зголемени трошоци, сепак тоа ќе биде малку поголем товар за компаниите, вели Миладинова-Џамбазовски.
Според бизнис-секторот, потребна е институционална поддршка за да може проектот да заживее на целата територија, но сметаат дека ова е одлична бизнис-идеја, која ќе придонесе за чиста и здрава средина.