Фото: ССМ/Фејсбук

Дијалогот никогаш не беше прекинат, а продолжуваат и разговорите со гранковите синдикати, истакна на денешната прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски на прашањето дали Владата ќе одговори на барањето на Сојузот на синдикатите на Македонија за линеарно зголемување на платите во јавниот сектори, задолжителна исплата на регрес за годишен одмор од следната година се со цел да го спречи штрајкот на 22 јуни.

– Владата донесе одлука при што е формирано тело за помирување во одборот за помирување од страна на работодавачи и членови се заменик претседателот на Владата за економски прашања , министерот за финансии и министерката за труд и социјална политика и министерот за информатичко општество и администрација – рече Арсовски.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ги повикува пратениците од власта и опозицијата да го изгласаат амандманот за усогласување на платите за 2.806 денари во јавниот сектор пред, како што велат, дополнителното зголемување на цените на електричната енергија, нафтените деривати и новите ценовни шокови.

– Гласајте го амандманот на ССМ за усогласување на платите за 2.806 денари во јавен сектор предложен од ВМРО-ДПМНЕ и не ја користете расправата за ребалансот за дополнително да ги уназадувате работничките права преку укинување на недела неработен ден во туристичките места, а тоа значи насекаде – порачуваат од ССМ и велат дека амандманот треба да биде изгласан ден побрзо од сите пратеници.

Нагласуваат дека на комисиската расправа пратениците треба времето да го трошат за утврдување на ставките преку кои сите работници од јавен сектор од 1 јули годинава ќе го добијат усогласувањето на платите со порастот на минималната плата од 2.806 денари, а во спротивно ќе имаат удел за штрајкот на 22 јуни година што го закажа ССМ доколку не биде усвоен нивниот амандман.

На собраниската Комисија за финансирање и буџет меделава почна расправата за ребалансот на Буџетот за 2022 година. Во текот на расправата треба да се разгледаат и над 200 амандмани меѓу кои и амандманот на ССМ, поднесен преку пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.