Од Народната банка за „Нова Македонија“ посочуваат дека не само затегнувањето на монетарната политика на ФЕД туку и сѐ уште присутната глобална непредвидливост поради продолжената пандемија создава неизвесно надворешно опкружување, поради што е потребно внимателно следење на сите показатели и ризици и водење кредибилни политики

КАКО ПРОМЕНИТЕ НА МОНЕТАРНАТА ПОЛИТИКА НА САД ЌЕ СЕ ОДРАЗАТ ВРЗ СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА

Најавите на САД дека во текот на оваа година ќе го намалат износот на откупени хартии од вредност, но и дека е можно зголемување на каматните стапки, создаваат загриженост кај економистите за влијанието врз земјите во развој, особено поради севкупните случувања во светот со пандемијата, енергетската криза, стравовите за послаб глобален раст…
Деновиве претседателот на американската ФЕД (Банката на федeрални резерви на САД), Џером Пауел, изјави дека американската економија е доволно здрава и има потреба од построга монетарна политика. Обраќајќи се пред Комитетот за банкарство, домување и урбани прашања на Сенатот на САД, Пауел рече дека очекува каматните стапки да се зголемат годинава, заедно со намалувањето на програмата за итна помош на ФЕД за економијата за време на пандемијата.
– Во текот на оваа година, доколку работите се одвиваат според очекувањата, ќе ја нормализираме монетарната политика, што значи дека во март ќе ја прекинеме вонредната програма за купување обврзници, а во текот на годината ќе ги зголемиме каматните стапки – посочи Пауел.

ММФ предупредува на удари врз земјите во развој

Поради ваквите одлуки и најави на ФЕД, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди дека пазарните економии во развој ќе мора да се подготват за епизоди на економски потреси и забавениот глобален раст како резултат на ширењето на новиот сој на коронавирусот. ММФ смета дека глобалниот раст треба да продолжи оваа и следната година, но ризиците за растот остануваат високи, како резултат на постојаното продолжување на пандемијата.
– Со оглед на опасноста пандемијата да се совпадне со побрзото заострување на каматната политика на ФЕД, пазарните економии во развој треба да се подготват за епизоди на економски потреси – велат економистите на ММФ, Стивен Данингер, Кенет Канг и Елен Поарсон во нивната анализа. Дополнително, аналитичарите на ММФ укажуваат дека некои од земјите во развој се соочуваат со висока инфлација и значително поголем државен долг.
Домашните експерти потврдуваат дека одлуките на најголемата светска економија може да имаат влијание врз помалите земји, но без анализа не може да се утврди која земја каков ефект ќе има од затегнувањето на монетарната политика на САД.
– Влијанието на одлуките на ФЕД врз другите економии во светот зависи од многу фактори, тука влегуваат обемот на тргување со САД, девизните резерви на земјите и други фактори. Секако, ова е значајно да се следи и да се анализира, што верувам дека се прави во Народната банка, која има ингеренции да презема активности на полето на монетарната политика. За да се каже кои земји ќе бидат погодени, потребни се анализи на повеќе сегменти, но Македонија од одлуката на ФЕД не би требало да почувствува директни последици – вели универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Од друга страна, економистот Здравко Савески, пак, укажува дека ваквите одлуки на САД и нивните промени може да се одразат и во нашата земја, особено преку ценовните притисоци врз нафтата и нафтените деривати.
– Затегнувањето на монетарната политика на САД претставува причина за загриженост во сите сиромашни земји, вклучувајќи и во Македонија. Тоа ќе предизвика зголемување на вредноста на доларот, што е особено лошо, бидејќи ќе ја зголеми цената на нафтата (која се пресметува во долари), а особено лошо за сиромашните земји, ја зголемува вредноста на јавниот долг изразен во долари. Зголемувањето на вредноста на долгот изразен во долари создава проблеми при „сервисирање на долговите“ и можностите за евтини кредити се намалуваат. Македонија веќе стана високозадолжена земја, па ова претставува основа за загриженост. Исто така, порастот на цената на нафтата негативно ќе се одрази врз економскиот раст и нивото на цените, додавајќи уште еден ризик-фактор што може да предизвика сериозна економска криза – посочи Савески.
Савески објаснува дека Македонија беше само маргинално зафатена од Светската економска криза од 2008-та, поради што кај нас доминира мислењето дека ние не сме многу ранливи на негативните ефекти од светската економија, но посочува дека треба да сме свесни оти нашата економија денес е многу поинтегрирана во светската економија.
– И јавниот долг денес е многу повисок отколку во 2008 година. Треба посериозно да се сфаќаат ризиците на меѓународен економски план од она што е доминантно мислење кај нас – посочува Савески.

Директни ефекти врз македонската економија не се очекуваат

Претставниците на Народната банка појаснуваат дека засега не станува збор за затегнување на монетарната политика на ФЕД преку промена во каматните стапки, туку за постепено намалување на износот на откупени хартии од вредност и со тоа намалување на стимулот.
– Со оглед на солидното закрепнување на американската економија, кое влијае на затегнувањето на условите на пазарот на трудот, како и растот на инфлацијата, не е исклучено и зголемување на каматните стапки на ФЕД во текот на оваа година. Ефектите од ова би биле поизразени во брзорастечките земји што имаат поголеми и краткорочни капитални приливи и кои поради затегнувањето на монетарната политика на ФЕД може да се соочат со капитални одливи. Дополнително, со оглед на тоа што повисоките каматни стапки во САД ќе ја зголемат релативната привлечност за инвеститорите, очекувана е апрецијација на курсот на доларот. Оние земји што имаат долг изразен во долари може да имаат и поголеми обврски за негово сервисирање и преку повисоки каматни плаќања и преку валутните промени. Бидејќи затегнувањето е очекувано и ќе се одвива постепено, меѓународните финансиски институции не очекуваат да предизвика поголеми потреси на финансиските пазари. Сепак, тоа ќе значи одредено затегнување на глобалните финансиски услови и зголемување на трошоците за финансирање на меѓународните финансиски пазари – стои во објаснувањето на НБРСМ.
Од оваа институција потенцираат дека позначајни директни ефекти од промените на политиката на ФЕД врз нашата економија не се очекуваат, со оглед на малото значење на американскиот долар за нашата економија.
– Учеството на надворешниот долг изразен во американски долари е 7,4 отсто, во надворешната трговија е околу 2 проценти. Наедно, фактот што во нашата економија има претежно долгорочни, стабилни капитални текови што не се чувствителни на промени во каматите исто така ја зголемува отпорноста. Дополнително, и од Европската централна банка (ЕЦБ), со чија валута е врзан денарот, не се очекува промена во каматните стапки до 2023 година, во согласност со најавите во повеќе наврати дека не се исполнети условите за зголемување на каматните стапки во еврозоната. Но, сепак, фактот што голема централна банка како ФЕД може да почне да затега, може да има индиректни импликации за нас преку зголемувањето на приносите на глобалните пазари и со тоа зголемување на трошоците за финансирање – објаснуваат од НБРСМ.
Од Народната банка додаваат дека не само затегнувањето на монетарната политика на ФЕД туку и сѐ уште присутната глобална непредвидливост поради продолжената пандемија создава неизвесно надворешно опкружување, поради што е потребно внимателно следење на сите показатели и ризици и водење кредибилни политики.
– Водењето прудентна монетарна политика, соодветното ниво на девизни резерви, започнатиот процес на фискална консолидација, сето ова се фактори што се клучни за зголемување на нашата отпорност и способност за реакција на промените во надворешното опкружување – потенцираат од НБРСМ.