Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според кредитната агенција „Фич“, изминатиов период „затегнувањето на монетарната политика и намалувањето на дефицитот на тековната сметка придонесоа за враќање на едноцифрената инфлација“. Но, сепак, таа останува многу висока кај храната, а сосема благ пад се очекува со владината мерка за „замрзнување на цените“. Според „Фич“, закана за подгревање на инфлацијата е – зголемувањето на платите во јавниот сектор…

Дали со стапката на инфлација од 6,6 отсто се постигнува „стабилизација на варијациите на цените“

Годишната стапка на инфлацијата мерена преку порастот на трошоците на живот во септември се намали на 6,6 отсто, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Позитивен сигнал е што инфлацијата во септември е помала и во однос на август. Според податоците на ДЗС, во август инфлацијата на годишно ниво била 8,3 отсто, во јули изнесувала 8,4 отсто, додека во јуни била 9,3 отсто.

„Фич“: Зголемувањето на платите во јавниот сектор – закана за подгревање на инфлацијата!

Според кредитната агенција „Фич“, изминатиов период затегнувањето на монетарната политика и намалувањето на дефицитот на тековната сметка придонесоа за враќање на едноцифрената инфлација. Сепак, таа останува многу висока кај храната, а благ пад се очекува со владината мерка замрзнување на цените, наведува „Фич“. Сепак, закана за подгревање на инфлацијата, според „Фич“, е зголемувањето на платите во јавниот сектор. Што се очекува во иднина во однос на инфлацијата и растот на БДП? Како да се надминат ризиците и Македонија да добие стабилизација на економски план?
Прогнозата на Светската банка во најновиот извештај за економските показатели на земјите од Европа и Централна Азија е дека економскиот раст на Македонија годинава ќе биде 1,8 отсто, во 2024 ќе изнесува 2,5, а во 2025 година ќе се зголеми на 2,9 отсто. Инфлацијата, пак, во 2023 ќе се задржи на ниво од 9,1 отсто, за во наредната година да се намали на три, а во 2025 на два отсто. Светската банка оценува дека среднорочните економски изгледи на земјава се позитивни, но остануваат ризиците.
– Растот во 2023 година се очекува скромно да се зголеми до 1,8 отсто, како одраз на забавувањето на надворешната побарувачка и постојаната криза на трошоците на живот, делумно неутрализирани од влијанието на изградбата на автопат. Растот се очекува умерено да се забрза на среден рок поради порастот на јавните инвестиции, закрепнатата потрошувачка и извоз. Се предвидува дека годишната инфлација ќе остане на ниво од 9,1 отсто во 2023 година, но долгорочно да се намалува до 2 отсто во 2025 година – наведуваат од Светската банка.

Светска банка: Претстојните избори може да ја одложат имплементацијата на реформите

Од Светската банка забележуваат дека остануваат и натаму основните ризици, кои во голема мера ќе зависат од економската состојба во земјите што се најголеми трговски партнери и продолжувањето на процесот на пристапување во ЕУ, што може да ги забрза критичните реформи.
– Сепак, зголемената политичка неизвесност и продолжениот парламентарен ќор-сокак поради недостиг од консензус за уставни измени, како и претстојните избори може да ја одложат имплементацијата на реформите. Конечно, политичките проблеми носат ризик и за фискалната одржливост и инфлацијата, што ќе бара дополнително монетарно затегнување, кое, пак, може дополнително да ги ограничи опциите за финансирање и да ја забави економската активност – оценува СБ.
Банката прогнозира дека целиот регион на Западен Балкан годинава ќе забележи раст од 2,5 проценти, за разлика од лани кога изнесуваше 3,2 отсто.
Највисок економски раст во 2023 година ќе има Црна Гора од 4,8 отсто, потоа Албанија 3,6 отсто, Косово 3,2 отсто, Хрватска 2,7 отсто, Босна и Херцеговина 2,2 отсто, Србија 2 отсто и Бугарија 1,4 отсто.
Според Благица Петрески, директорка на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, намалувањето на инфлацијата сѐ уште е предизвик.
– Септемвриските податоци за инфлација од 6,6 отсто го потврдуваат ова, со тоа што да земеме предвид дека мерењето на септемвриските цени е направено во првата половина од месецот, додека замрзнувањето на цените на прехраната се случи во втората половина од месецот. Значи, во октомвриската бројка, која се мери во сегашниов период, ќе видиме понатамошно соборување на инфлацијата – посочува Петрески.
Во овој период, вели таа, клучни се мерките за стабилизација на варијацијата во цените што произлегуваат од евентуални непазарни практики на трговците и производителите, а во повеќе наврати тие како институт повикале и на поголема активност на антимонополската комисија.
– Во однос на БДП, економијата забави уште од вториот квартал, очекувањата се дека забавувањето ќе опстои и во другите квартали, така што севкупно растот ќе заврши под првичните проекции од 2 отсто, значи моменталните очекувања се во распонот помеѓу 1,5 отсто и 2 отсто – објаснува Петрески.

Фатмир Бесими: За справување со последиците од инфлацијата досега се потрошени над 700 милиони евра

Министерот за финансии Фатмир Бесими вчера истакна дека нивото на инфлација во септември 2023 г. продолжува да се намалува на 6,6 отсто од 8,3 отсто во август и е намалено трикратно во споредба со врвот на кризата во октомври од 19,8 отсто.
– Владините мерки за справување со инфлацијата досега се проценуваат на над 700 милиони евра, а наскоро ќе биде објавен и нов пакет на антикризни мерки за поддршка на ранливите категории граѓани и фирми. Нашата заложба е целосно надминување на глобалните инфлаторни предизвици и донесување на инфлацијата на историските ниски нивоа од околу два отсто – вели Бесими.