Фото: Игор Бансколиев

Состојбата со пожарите на отворен простор е алармантна. Апелирам до сите земјоделци да не ги палат стрништата, а сточарите да не ги палат пасиштата. Сериозни врнежи нема подолго време, вегетацијата е исклучително сува, дневните температури сѐ уште се високи, пожарникарите и пилотите се исцрпени и на крајот на силите. Апелирам до сите градоначалници да ги следат законски пропишаните процедури и да бараат воздушна поддршка тогаш кога се исцрпени сите други можности. Пожари не се гаснат од воздух со „ер трактори“ и хеликоптери без поддршка на пожарникари од земја, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов

Секојдневните пожари ги исцрпија луѓето што се справуваат со нив

Стабилното, суво и релативно топло време во комбинација со граѓанската несовесност и неодговорност, го направија „своето“ низ државата, секојдневно предизвикувајќи над десетина пожари на отворено. Главен причинител и според официјалните информации од надлежните е човекот, кој, крајно несовесно и неодговорно продолжува со деструктивното и пироманско однесување.

ПОРАЗУВАЧКИ БРОЈКИ

Поразувачки податоци пристигнуваат од надлежните, во случајов Центарот за управување со кризи, од каде што ги координираат и известуваат ресорните институции во случај на пожари. Според нивните податоци, во септември, на територијата на Македонија имало вкупно 778 пожари на отворен простор. Од нив, за дури 43 пожари била потребна асистенција од воздух, поточно со „ер тракторите“.
Во текот на минатиот викенд, пак, заклучно со петокот, регистрирани биле 95 пожари на отворен простор, од нив, само во неделата имало 37, а за два од нив било потребно активирање на еден „ер трактор“ и хеликоптери на Министерството за внатрешни работи.
Според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, состојбата со пожарите е алармантна, а пожарникарите и пилотите се исцрпени.
– Состојбата со пожарите на отворен простор е алармантна. Апелирам до сите земјоделци да не ги палат стрништата, а сточарите пасиштата. Сериозни врнежи нема подолго време, вегетацијата е исклучително сува, дневните температури сѐ уште се високи, пожарникарите и пилотите се исцрпени и на крајот на силите. Апелирам до сите градоначалници да ги следат законски пропишаните процедури и да бараат воздушна поддршка тогаш кога се исцрпени сите други можности. Пожари не се гаснат од воздух со „ер трактори“ и хеликоптери без поддршка на пожарникари од земја. Невозможно е да се изгасне пожар додека врз него не згазне пожарникарска чизма – истакна Ангелов.
Тој потенцира дека и најмалиот пожар за миг може да прерасне во голем пожар што ги загрозува човечките животи.

НЕКОИ ПАЛАТ И „ПОРАДИ СИРОМАШТИЈА“?!

Пожарникарите велат дека се исцрпени, тврдат дека постојано се на штрек бидејќи во последно време зачестија пожарите, а тврдат и дека најчести предизвикувачи се токму луѓето.
– Со сигурност можам да кажам дека најчеста причина за пожарите е човечкиот фактор. Пожарите ги делиме генерално на две групи. Првата група се пожарите на отворен простор, а причина за нив се човечкото невнимание и намерното палење за проширување на огнот на пасиштата, за истите тие да бидат исчистени. Исто така палат оган во шумите, со намера остатокот од опожарените дрвја да се искористат како огревно дрво. Често се случува и да настане шумски пожар од фрлено догорче од цигара, намерно палење отворен пламен, скара и слично – вели искусен пожарникар, кој сакаше да остане анонимен.
Според него, најголем проблем се недостапните места, а во последно време сѐ повеќе забележуваат дека се пали токму на такви локации за дрвјата да си ги искористат за претстојната зима.
– Сиромаштијата си го прави своето. Од една страна ги имате земјоделците, кои ги чистат стрништата така што ги палат, па иако не е намерно, поради временските услови, огнот излегол од контрола, а од друга страна, ги имате луѓето што поради сиромаштијата и неможноста да си купат дрва за огрев предизвикуваат пожари, па дрвјата што ќе се зафатат, а нема да се пеплосаат во пожарот, одат, ги сечат и си ги земаат за дома, каде што ги складираат за да ги користат за греење за претстојната сезона – вели тој.
Според него, проектот што пред неколку години се спроведуваше во Град Скопје, а кој се однесуваше на бесплатно подигање на остатоците од берба на земјоделците, со цел спречување на нивно палење, треба повторно да се обнови, и тоа во сите општини во државата, бидејќи само на тој начин ќе се дејствува во позитивна насока и кон намалување на палењето на стрништата.
– Колку што се сеќавам, пред три години, градот даваше и бесплатно ѓубриво за сите земјоделци што ќе се јават и ќе побараат асистенција за стрништата. На тој начин тие беа мотивирани да не палат и добиваа некаква корист. Вака, најисплатливо им е да палат. За нив е бесплатно, но за безбедноста е прескапо бидејќи може да чини човечки животи – смета пожарникарот.