Фото: РКЕ

Регулаторната комисија за енергетика стана полноправен член на Асоцијацијата на Медитеранските регулатори за енергетика – МЕДРЕГ (Mediterranean Energy Regulators MEDREG).

Одлуката, како што денеска информира РКЕ, е донесена едногласно од страна на 27-те земји членки кои припаѓаат географски на медитеранскиот регион.

Ова, според претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, е големо признание.

– Со зачленувањето во МЕДРЕГ, РКЕ ја продолжува мисијата континуирано да го разменува искуството и да се надоградува преку соработка со релевантни меѓународни институции за енергетика. Кога сите земји кои се препознаваат како медитерански се дел од едно семејство што континуирано работи на остварување на заедничките цели, цврсто верувам во ефикасни и квалитетни решенија. Регионалниот пристап во креирање на одговорите е препознаен во повеќе сектори – економија, политика, енергетика и денес кога светот се соочува со бројни енергетски предизвици – синхронизраните решенија можат да донесат само напредок и просперитет – изјави Бислимоски.