Во продолжение ви ги претставуваме советите на криминолозите и експертите од Агенцијата за обезбедување за тоа како да превенирате или спречите кражба, како да реагирате во случај на губење (или кражба) на лични документи, кои се постапките во случај на кражба на вредни предмети од автомобили, од вашиот дом или во престојувалиштето каде што го минувате летниот одмор…

Корисни укажувања за граѓаните, како превентивни предлози како да се постапи во насока на заштита на домот од провални кражби

Како да превенирате инцидент предизвикан од провална кражба во вашиот дом додека сте на одмор?

  • Проверете дали при заминувањето од домот сте ги заклучите влезните врати (една или, пак, повеќе од вашата куќа или стан) и дали сте ги затвориле сите прозорци.
  • Проверете дали е во функција алармниот систем (или друг систем за безбедност) во вашиот дом, или ако немате таков, разгледајте ја можноста во иднина да инсталирате ефикасен систем поврзан со одредена агенција за обезбедување.
  • Немојте да го најавувате вашето отсуство од домот на социјалните мрежи.
  • Нема потреба да оставате вклучени светилки, радио или телевизор додека сте отсутни, бидејќи се покажало дека тоа само им ја олеснува работата на провалниците.
  • Ставете ги на сигурно место, надвор од вашиот дом, вашите вредни работи, накит и скапоцености, или размислете за најмување сеф во некоја банка или, едноставно, дајте му ги на одредено време на ваш роднина и пријател од доверба да ви ги чува.
  • Ако имате блиски релации од доверба со вашите најблиски соседи, тогаш опција е тие да ја проверуваат состојбата на вашиот стан или куќа и да ве известуваат.
  • Доколку имате можност и доколку сметате дека е добра идеја, најдете лице/лица, пријател или роднина, што во истиот период нема да го користи својот годишен одмор и понудете му да престојува во вашето живеалиште (и да се чувствува како во својот дом), со тоа што тој би требало да се однесува одговорно со ресурсите што му ги оставате на располагање.
    Како да превенирате инцидент предизвикан од провална кражба додека сте на одмор при престој во хотел, мотел, изнајмен апартман или соба?
  • Чувајте ги вредните работи во сефови во сместувачкиот објект, доколку нема сеф, тогаш не оставајте ги на видно место и не чувајте ги заедно на едно место.
  • Чувајте ги документите и кредитните картички одвоени од готовината и од другите скапоцености.
  • Пред да ја напуштите просторијата, погрижете се да ги затворите и заклучите вратите и прозорците.
  • Кога излегувате, не носете голема сума пари со себе и не носете документи и пари во ист џеб.
  • Во ресторани или ноќни клубови внимавајте на ценовникот и висината на цените и плаќајте веднаш.
  • Разменувајте пари во банки, пошти или други монетарни институции, разликата во курсевите што ја нудат дивите менувачници е толку незначителна што не вреди да се ризикува.
  • Не носете мобилен телефон на врвка околу вратот, побезбедно е во вашиот џеб.
  • Чувајте го паричникот во предните џебови или во предната (кенгур) торбичка.
  • Ако плаќате во готовина, платете со банкноти во помали апоени што сте ги раситниле пред да заминете на одмор.
  •  Никако не оставајте вредни работи, како што се мобилни телефони, таблети и камери без надзор на отворени простори, како што се паркови и спортски и рекреативни центри, и на настани како што се изложби и концерти на отворено.
    Како да се заштитите од упади во возилото?
  • Паркирајте го вашето возило на заштитен паркинг.
  • Никако не оставајте скапоцености на видно место во паркирано возило – земете ги со себе или чувајте ги во багажниот простор или под седиштето.
  • Ако вашето возило не е опремено со алармен систем за заштита од кражба, паркирајте го на видно, прометно и добро осветлено место.
    Што ако ги изгубите вашите лични документи?
  • Настанот треба да се пријави во најблиската полициска станица. Тие по службена должност би требало и да пријават до нашата амбасада за да се издаде привремен патен лист, а по враќањето во матичната земја, односно во местото на живеење, ќе започнете постапка за издавање нов документ со потврдата.