Фото: Маја Јаневска-Илиева

Стопанската комора преку писмото што претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, го упатил до македонскиот премиер Христијан Мицкоски бара да се избрише делот од Законот за забрана на нефер трговски практики со кој се ограничува рабатот што доставувачот му го одобрува на купувачот, како и да се прецизираат условите под кои купувачот може да ги врати кај доставувачот непродадените производи.
Како проблем што Азески го потенцира во писмото се наведува периодот на приспособување на новото законско решение, односно тоа што некои измени треба да се случат во период кога не е завршена календарската година.
– Праксата на другите пазари во Европската Унија укажува на многу подолг период за усогласување со законите со кои се забрануваат одредени трговски практики. Во РС Македонија преоден период не е оставен, освен за доставувачите и за купувачите што склучувале договори за снабдување, кои имаат обврска да ги усогласат со овој закон во рок од шест месеци од денот на неговото стапување во сила, а тоа е пред истекот на септември 2024 година – се наведува во писмото.
Од Комората сметаат дека треба да се зголеми рокот во кој купувачот го известува доставувачот дека ја намалува нарачката на одреден производ.
– Претставниците на доставувачите и на купувачите изразија потреба од дополнително прецизирање и појаснување на одредени одредби од Законот. Предлагаме да ја разгледате можноста за дополнително продолжување на рокот на усогласување на работењето со Законот, со цел разјаснување на сите дилеми и поголема правна сигурност за субјектите што се засегнати од него – се додава во писмото.
Законот за забрана на нефер трговски практики беше донесен во март, со цел намалување на цените на прехранбените производи. Истовремено беше составена и листа со над 2.500 производи чии маржи не треба да бидат поголеми од 10 отсто. Од Стопанската комора претходно бараа во овој документ да бидат ставени и производите што се со ДДВ од пет отсто. Е.Р.