Со цел унапредување во земјоделско-прехранбениот сектор, потребно е преструктурирање за, меѓу другото, тој да може да се справи со конкуренцијата од европскиот пазар кон кој цели, да ги примени европските правила, да антиципира, планира, организира и да спроведе мерки во сите фази на земјоделското производство (вклучувајќи и пласман и откуп) со активна партиципација на државата, но и да се стимулираат младите земјоделци да останат во земјата
Земјоделско-прехранбениот сектор во фокусот
Повеќе од две децении македонското земјоделство се соочува со огромен број предизвици. Со цел унапредување во земјоделско-прехранбениот сектор, потребно е преструктурирање за, меѓу другото, тој да може да се справи со конкуренцијата од европскиот пазар кон кој цели, да ги примени европските правила, да антиципира, планира, организира и да спроведе мерки во сите фази на земјоделското производство (вклучувајќи и пласман и откуп) со активна партиципација на државата, но и да се стимулираат младите земјоделци да останат во земјата.
Синхронизација на приватниот земјоделски сектор со државната администрација
Упатените велат дека поради тоа мора да се искористат фондовите, да се вложи во науката, технологија, иновации, но и да се зајакне административниот капацитет за да може да ги повлече парите што се на располагање за сите фази во аграрниот циклус.
Политиките на Европската Унија во делот на земјоделството се насочени кон обезбедување доволно храна за сите жители на ЕУ. Политиките во делот на руралниот развој се насочени кон обезбедување развој на руралните средини, како и обезбедување услови за развој, модернизација и за зголемување на производството на храна.
Од Стопанската комора на С. Македонија велат дека прехранбената индустрија, во голем дел, извезува или, пак, произведува за познат бренд во ЕУ и целосно е подготвена за овој пазар, па затоа е потребно да се отстранат сите забрани и бариери за забрзан и за поголем пристап на македонските компании на европскиот пазар.
– Во насока на брзи приспособувања на земјоделско-прехранбениот сектор кон новонастанатите услови, но и барања, потребно е да се трансформираат земјоделско-прехранбените системи, во насока на подобро производство, подобар квалитет, подобра животна средина и на подобар живот, не оставајќи никого зад себе – велат од комората.
– Ако Владата го реализира она што го бара комората и науката ќе им помогне на домашните компании полесно да ги совладаат предизвиците со кои се соочува секторот, намалување на ефектите од климатските промени, на увозот, изедначување на условите на домашните со европските компании, усогласување правилници, закони, царински давачки, особено за суровините – истакнува Васко Ристовски од Стопанската комора.
Повеќе наука, технологија и иновации во земјоделско -прехранбените системи
Тој посочува дека едно од барањата е иновациите во науката и во технологијата, кои ќе одиграат клучна улога во трансформирањето на земјоделско-прехранбените системи, да можат да станат поефикасни, поинклузивни, поотпорни и поодржливи.
– Науката, технологијата и иновациите во земјоделско-прехранбените системи ги опфаќаат сите димензии на производствениот циклус по целиот синџир на вредност. Вклучува повеќе технологии и иновации и одржливи земјоделски пристапи, вклучувајќи биотехнологии, дигитални технологии и технологии за обновлива енергија, меѓу другото. На пример, напредокот во биотехнологијата може да се користи за генетско подобрување на растенијата и на животните. Информациите од далечина и сателитите, како и беспилотните летала, нудат огромни можности за собирање податоци во реално време за следење на времето, земјоделските култури, штетниците и болестите и на условите на почвата – потенцира Ристовски.
Тој додава дека технологиите како што се автоматските системи за наводнување, земјоделските роботи и дигиталните технологии за финансиско вклучување, дополнително придонесуваат за ублажување и за надминување на развојните предизвици.
– Во делот производи од животинско потекло, барањето ни е да се тргне забраната за движење поради болести кај месната индустрија, што требаше да се направи пред многу години, што е бариера за прехранбената индустрија, поголеми средства за национални референтни лаборатории, донации и средства за опрема, обука на кадар, за да не користат како сега лаборатории во Европа и во земји од соседството – нагласи Ристовски.
Од сите стопански сектори, земјоделството најзагрозено од климатските промени
Во однос на климатските промени, производството на храна е стратегиско прашање за иднината на секоја држава. Од сите економски сектори, земјоделството е едно од најзагрозените бидејќи е целосно зависно од климата, промените во температурата, врнежите и од екстремните временски и климатски услови.
– Врската меѓу земјоделството и климатските промени не е толку едноставна. Земјоделството има важна улога во ублажувањето на климатските промени, но земјоделскиот сектор е еден од изворите на стакленички гасови и придонесува за климатските промени. Одржливоста на земјоделското производство зависи од подготвеноста за воведување нови практики за економско управување – укажува Ристовски.
Според него, климатските промени го намалуваат приносот на земјоделските култури, стануваат сѐ поповолни за развој на растителни болести и штетници, а последиците од климатските промени се видливи и во сточарството. Како резултат на топлотните бранови млечните говеда доживуваат топлотен стрес, што резултира со намалено дневно производство на млеко.
– За да се ублажат големите економски загуби, ќе биде потребно повеќе да се инвестира во земјоделското производство и да се приспособат на новите услови. Но ваквите дополнителни вложувања, доколку не се обезбедат преку одредени фондови на државата или на ЕУ, ќе бидат дополнителен товар за земјоделските производители, кои тешко ќе ги издржат. Само мал дел од нив ќе опстанат или ќе се преориентираат, а другите поради неможноста за инвестирање и поради претрпените штети ќе бидат принудени да го напуштат земјоделското производство – истакнува Ристовски.
Тој вели дека, сепак, климатските промени, кои создаваат повисоки температури, отвораат потенцијал за одгледување земјоделски култури што традиционално се одгледуваат во потоплите предели.
– Климатските услови во земјава полека стануваат поволни за одгледување култури што традиционално се одгледуваат во појужните региони. За успешно одгледување на овие култури треба да се земат предвид и други фактори, не само климатските услови.
Профитабилноста и одржливоста на земјоделското производство во голема мера ќе зависат од подготвеноста за воведување нови практики за економско управување, со што се зголемуваат конкурентноста и продуктивноста. Пред сѐ, постои избор на сорти што се поотпорни на екстремни временски услови, односно на суша или на прекумерно количество вода – појаснува Ристовски.
Со оглед на тоа што површините за наводнување во Македонија и онака се многу скромни, додава тој, бараат како комора да се направат големи напори за зголемување на капацитетот на задржување на влагата во почвата преку подобрување на квалитетот и на структурата на почвата со нови методи на обработка и на примена на органски ѓубрива, како и инвестирањето во ефикасноста на системите за наводнување,
– Пред сѐ, потребно е да ги усогласиме нашите правилници и закони со оние на Унијата и да ги усогласиме царинските давачки, и тоа на суровините што не ги произведуваме или кои ги имаме во недоволни количества – воочува Ристовски.
Дефицитот на млади земјоделци и фрагментираните парцели горлив хроничен проблем
Од комората велат дека едно од барањата им е насочено кон стимулирање на младите од руралните средини што ќе одлучат да се занимаваат со земјоделство, но и преку обезбедување животни услови како и оние во градовите.
– Македонското село е во исклучително лоша состојба. Неопходна е интензивна модернизација на животот во земјоделските средини, со подобрување/изградба на инфраструктура од повисок карактер, олеснителни кредити за развој на семејна фарма, како и со дополнителни субвенции за останување и за работа во руралните средини, за да се зголемат продуктивноста и квалитетот на производството, за да се мотивираат децата за продолжување на образованието во таа насока, за нивно враќање на семејниот имот и за создавање безбедна средина за живеење и за работа. Концептот за паметни села веќе одамна постои во ЕУ, а комората во изминатите неколку години укажуваше на него – вели Ристовски.
Според комората, една од главните причини за ниското и неефикасно земјоделско производство и најголем ограничувачки фактор за зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство се малите земјоделски стопанства и фрагментацијата на парцелите.
– Затоа, една од клучните мерки во создавањето конкурентен земјоделски сектор се однесува на земјишната политика, чија основна цел е да се консолидира земјиштето и да се регулира земјоделското земјиште, особено кога е во прашање државното земјоделско земјиште. Доколку државата не го направи тоа во процесот на преговори со ЕУ или обезбедувајќи дополнителен транзициски период, тоа ќе биде откупено од странските компании по многу пониски цени на штета на домашните производители и компании – укажува Ристовски.
Професорот на Земјоделскиот факултет, Ордан Чукалиев, вели дека климатските промени си го земаат данокот и се одразуваат и врз земјоделското производство.
– Стратегијата на ЕУ за климатски промени укажува дека климатските промени во земјоделството веќе се чувствуваат. Зачестената појава на екстремни временски услови, како град, суша, поплава, екстремни ветрови, мраз, е резултат на климатските промени и тие ќе се појавуваат сѐ почесто – вели професорот.
Тој укажува дека најголем ефект за заштита на земјоделците, гледано долгорочно, треба да се бара во техничките мерки за заштита. Според него, треба да се поддржат позасилено инвестициите во заштитни мрежи што штитат и од град, а вршат и засенчувања, кои треба да бидат основен предуслов за подигање долгогодишни насади во земјоделството.
– Сепак, македонскиот земјоделец со приноси што се на работ на исплатливоста и со мали штети од невреме едвај крпи крај со крај, а камоли по силно невреме, така што тешко дека ќе има средства за инвестиции во современа технологија – вели Чукалиев.
Формирање посебна агенција за развој за зголемено производство
Според поранешниот стопанственик Ѓоко Савов, нам ни е потребен плански и долгорочен развој поддржан и овозможен од државата, во кој максимално ќе биде вклучен и приватниот бизнис.
– Потребна е реализација на проект за висок развој! Тој би бил возможен пред сѐ со формирање посебна агенција за развој, која ќе биде одговорна пред Собранието и ќе биде ослободена од политичкото расположение во земјата. Агенцијата би иницирала проекти, би ги синхронизирала во контекст на сите општествени промени, за истите тие да бидат со потребниот позитивен ефект за процесот на општо зголемено производство. На пример, за земјоделството ќе ја реализира потребната комасација, ќе обезбедува анализи од пазарот што да биде годишниот план за производство по сорти и количества на земјоделските производи, ќе обезбедува финансиска помош за купување опрема, ќе обезбедува техничка помош – вели тој.
Потоа, како што додава Савов, со комбинација на приватен и државен капитал ќе обезбедува откуп и преработка на вишокот производи.
– Агенцијата ќе врши откуп и на однапред недоговорените количества вишоци во земјоделството низ целата територија на државата. За тоа ќе ѝ требаат ладилнички и преработувачки капацитети. Очигледно сликата за улогата на агенцијата е убава. Но таа мора да биде моќна и авторитетна – потенцира Савов.