Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска информира дека пензиите ќе се зголемат линеарно за 2.500 денари во март, а се уште е неизвесно какво ќе биде коригирањето во септември в година.
Таа вечерва во интервју за „360 степени“ на прашањето чии плати во јавниот сектор ќе растат во 2025 година, освен во ресорот образование, одговори дека друг таков сектор е здравство, иако таму сè уште се чека постигнување конечен договор.
Димитриеска-Кочоска е на ставот дека треба да пораснат платите на средномедицинскиот персонал, но треба да се направат промени и кај општите лекари, бидејќи тие се со пониски плати.
– Стојам уште на ставот за раст на платите на средномедицинскиот персонал, со тоа што треба да се види генерално во делот на општите лекари. Тие се малку со пониски плати. И за капитацијата треба да се види и други работи да се променат. Зборувам за младите лекари кои завршуваат и се вработуваат – рече министерката.
Како што рече, веќе е во процедура најавеното вработување на околу 600 специјализанти.
Прашана за медицинските работници кои со години работат со договор на дело, за кои министерот за здравство Арбен Таравари рече дека се околу 2.500, Димитриеска-Кочоска одговори дека таа располага со помала бројка и дека за нив ќе треба да реши Фондот за здравствено осигурување.
Димитриеска-Кочоска информираше дека пензиите во март ќе бидат линеарно покачени за 2.500 денари. Но, нејасно е за колку ќе бидат зголемени во септември 2025 година.
– Не сме одлучиле, јас стојам на ставот дека треба повторно да биде линеарно, колку и да излезе зголемувањето на вкупниот износ, ќе се распредели по пензионер. Но, ќе биде под 2.500 денари затоа што параметрите кои се преземаат во пресметката се многу ниски – додаде министерката.