Во беспоштедната трка за квалификувани човечки ресурси за работа се приклучија и државните институции, кои исто така се принудени на пазарот на трудот да даваат што е можно поповолни услови за вработените (зголемени плати и други бенефиции), за да привлечат или да задржат искусен кадар, особено работници што се на повисоки раководни позиции
ЛИНЕАРНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ Е РЕШЕНИЕ ЗА ЗАДРЖУВАЊЕ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ИНСТИТУЦИИТЕ?
Недостигот од работна сила ги стави на штрек работодавците чиј проблем на одлив и дефицит од стручен кадар „сѐ повеќе ја доведува во прашање одржливоста на работниот и технолошкиот процес на домашните фирми“.
Од друга страна, истиот тој феномен на недостиг од работна сила го направи пазарот на трудот многу подинамичен за „трансферите на квалификувани работници помеѓу домашните компании“, па стручниот кадар, кој и така е дефицитарен во државава, сѐ почесто преоѓа од едно на друго работно место, во зависност од понудата и висината на платата.
Во таа беспоштедна трка за квалификувани човечки ресурси за работа се приклучија и државните институции, кои исто така се принудени на пазарот на трудот да даваат што е можно поповолни услови за вработените (зголемени плати и други бенефиции), за да привлечат или да задржат искусен кадар, особено работници што се на повисоки раководни позиции.
Во Министерството за финансии линеарно зголемување на платата за триесет отсто на сите вработени
Линеарното зголемување за триесет отсто на сите вработени во Министерството за финансии, според министерот Фатмир Бесими, ќе претставува дополнителна мотивација за вработените, особено за дополнителното ангажирање на вработените во Министерството за „собирањето на даноците од граѓаните и од фирмите“. Државните службеници и одговорни лица во Министерството за финансии ќе го почувствуваат зголемувањето со јануарската плата. Министерот рече дека ова зголемување се заснова на Законот за државна администрација, тргнувајќи од зголемувањето на минималната плата и сите што имаат колективен договор да ги нивелираат платите во јавниот сектор.
Со зголемувањето на трошоците на живот и скокот на цените за храната во Македонија порасна и притисокот за зголемување на платите на вработените, а тоа особено беше искажано од синдикалните организации во јавните институции и служби. Освен во Министерството за финансии, во 2023 година повисока плата за 29 отсто ќе има и во Министерството за образование и 15 отсто во Министерството за одбрана.
Институциите имаат насушна потреба од висококвалификуван кадар, сега и веднаш
Повисоките плати во Царината и УЈП беа главниот мотив за вработените што бараат трансфер на поплатени работни места или, пак, нивно „преземање“ во други институции. Но за обележување е дека зголемувањето на платите не се однесува за сите државни институции еднакво.
– Ниските плати што се исплаќаат во нашата институција претставуваат сериозен проблем за редовното извршување на нашите задолженија. Како институција што треба да го следи однесувањето на фирмите на пазарот имаме потреба од високообразован кадар. Со месеци барам од Министерството за финансии да ми се одобри вработување на еден информатичар. Кога ќе ми се одобри, не знам. Но не сум сигурен и дали лицето со кое контактираме за вработување ќе се нафати за плата од 30 до 40 илјади денари. Исто е и со другите позиции за кои се бара познавање од правото или од финансиско работење, меѓународни пазарни односи и сл. – ни изјави раководител на државната финансиска институција.
Како оваа нагорна корекција на платите за вработените во јавната администрација ќе се одрази на идната флуктуација и одлив на работници останува да се види во наредниот период. Но тоа што може да се заклучи од податоците на Државниот завод за статистика за висината за исплатена плата во ноември 2022 година е дека ќе продолжат разликите во исплатени плати по одделни сектори. Во групата на најслабо платени работници се оние во текстилниот сектор, преработувачката индустрија, земјоделскиот сектор и во дејноста сместување и приготвување храна, кои се и најзагрозени од недостигот од работници. Поради ниските плати во овие дејности, многу работници одлучуваат да заминат на подобро платени работни места. За споредба просечната исплатена нето-плата во земјоделството, шумарството и рибарството во ноември изнесувала 25.755 денари, во преработувачката индустрија 28.770 денари, во секторот сместување и храна 24.252 денари. Ноемвриската нето-плата во јавната управа и одбрана изнесувала 34.305 денари, во образованието 31.903 денари и во здравствениот сектор и социјалата 36.147 денари. Највисока плата била исплатена во информатичко-комуникацискиот сектор од 62.792 денари, а потоа следуваат финансиската дејност со 47.751 денар и снабдувањето со енергија со 42.877 денари. Во ноември, според ДЗС, просечната плата била 30.011 денари, додека пак во октомври 30.104 денари. При статистичката анализа може да се забележи дека највисокото зголемување на исплатената ноемвриска плата изнесува 18,7 отсто во споредба со истиот месец од 2021 година, а била исплатена во трговијата. За истиот период платите во градежништвото пораснале за 17 отсто, а во најдобро платената дејност – информатичка дејност и комуникации, порастот на платата изнесувал 13,2 отсто.
ССМ: Одлуката на министерот за финансии ќе предизвика револт кај другите административни службеници
Одлуката на министерот за финансии да им ги зголеми платите на вработените во својот ресор за 30 отсто ќе предизвика револт кај другите административни службеници, во другите министерства и институции, изјавуваат од Сојузот на синдикати на Македонија.
– За преостанатите, предвиденото зголемување на платите за годинава изнесува само пет отсто. Но има и институции каде што ќе се кратат платите, како што е намалувањето од 1,7 отсто во Министерството за труд и социјална политика. Тоа е огромна дискриминација што се прави помеѓу вработените во јавниот сектор – вели Слободан Трендафилов од ССМ.
Од Владата најавуваат наоѓање долгорочни решенија во политиката за плати во Македонија, преку утврдување критериуми за определување на платите во јавниот сектор, минималната плата и пензиите. Во тек е подготовка на новиот закон за плати во јавниот сектор, кој наиде на различни реакции во јавноста. Според експертите, не може под иста капа да се ставаат сите делови од јавниот сектор. За синдикалците, предложените решенија за плати ги поништуваат колективните договори и социјалниот дијалог, што може да доведе и до исплата на пониски плати. Законот, според неговиот предлагач, Министерството за информатичко општество, се однесува на примањата на над 132 илјади вработени во 1.346 јавни институции. Како резултат на отсуството на унифициран систем за плати, владее вистински хаос во однос на платите во јавниот сектор, за кој следува регулирање преку голем број закони и колективни договори, сметаат предлагачите на Законот. Со него, највисока плата ќе има претседателот на државата, а сите преостанати се подредуваат хиерархиски, од највисоко до најниско ниво. Вредноста на бодот за нивото на работно место ќе биде иста за сите вработени во јавниот сектор, а ја утврдува Собранието, по предлог од Владата. Притоа ќе се креираат и платни потсистеми, врз основа на анализа на сите работни места.
Според Министерството за труд и социјална политика, со овој закон ќе биде постигната целта – да нема различни плати за иста работа во различни институции. Намерата е во секоја дејност, во секоја област да се воспостави граница на највисока плата и да не може да се оди погоре од таа плата, а во согласност со највисоката плата да се пресмета платата надолу за преостанатите работни места според сложеноста на работата. М.Ј.