Откупот на тутунот се одвива непречено, без проблеми и според динамиката се очекува да заврши до Нова Година, информираат од Државниот земјоделски инспекторат. Досега се откупени преку 9.000 тони по просечна цена од над 275 денари за килограм. Според Јане Станкоски, директор на Државниот земјоделски инспекторат, откупуваат сите 10 компании и досега нема оспорена проценка.
– Тутунот се откупува со забрзано темпо. Дневно, компаниите преземаат околу 1.000 тони и со оваа динамика, се очекува откупот да заврши пред Нова Година. Досега се преземени над 9.000 тони, а просечната цена е преку 275 денари за килограм. Нема ниту едно оспорување на проценката и солидниот квалитет ќе донесе и повисоки субвенции за тутунарите, вели Станкоски.
Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија, информира дека откупот тече непречено и без проблеми. Дури, дневно просечната цена достигнува и 295 денари.
– Откупувата сите 10 регистрирани компании на над 285 пункта со 220 ваги. Дневно, просечната цена достигнува и 295 денари за килограм. Навремено се одвива и исплатата. Повереници има на сите ваги и досега нема оспорени количества тутун – вели Стомнароски.
Се очекува годинашнава реколта да тежи околу 21.000 тони, иако со компаниите беше договорен род на преку 25.000 тони тутун.