Народна банка денеска соопшти дека Комитетот за оперативна монетарна политика одлучи каматните стапки да останат непроменети, во услови на значително забавување на инфлацијата и поволен девизен пазар, но и при се уште присутни ризици.
– Со тоа, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 6,30%, со истовремено задржување на каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. На седницата беше оценето дека задржувањето на тековното ниво на каматните стапки, заедно со промените кај задолжителната резерва (последните со примена од декември 2023 година) и со макропрудентните мерки преземени досега, ќе придонесат за натамошно забавување на инфлацијата и задржување на стабилноста на девизниот курс – се наведува во соопштението од НБ.
Последната одлука за монетарната политика се темели на остварените движења и оцени за клучните показатели за монетарната политика. Домашната инфлација и натаму забавува и се сведе на 3,1% на годишно ниво во ноември 2023 година. Овие остварувања го одразуваат значителното намалување на притисокот од прехранбената и енергетската ценовна компонента, како и намалените ценовни притисоци од помалку променливите категории, во согласност и со преземените монетарни мерки. Притоа, годишната стапка на инфлација кај нас позначително забави во споредба со еврозоната, со што разликата во инфлацијата е незначителна. Поумерени се и инфлациските очекувања на потрошувачите искажани во ноемвриските анкети на Европската комисија. Сепак, просечната стапка на инфлација и натаму е на релативно високо ниво, во споредба со историскиот просек. Ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат, за што покрај неизвесноста од движењето на цените на светските берзи, придонесуваат и одредени домашни фактори. Оттука, потребна е натамошна претпазливост, вклучително и во однос на политиките што делуваат врз побарувачката на економијата.
Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во декември беше донесена одлука за задржување на основните каматни стапки на истото ниво, при оцени за натамошно забавување на инфлацијата во наредната година и достигнување на среднорочната целна инфлација во 2025 година.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на ноември изнесува 3.963,7 милиони евра, што според меѓународните стандарди и показателите коишто се следат, е соодветно ниво за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Од почетокот на годината, девизните резерви бележат раст, при поволни поместувања на девизниот пазар и интервенции со нето-откуп на девизи од страна на Народната банка. Остварувањата се резултат на намалените притисоци од енергетската криза, а со тоа и помалата побарувачка од страна на фирмите, зголемениот нето-откуп од физичките лица како сигнал за доверба во домашната валута, како и општо добрата девизна ликвидност на банките. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор за октомври 2023 година, тие засега упатуваат на малку понизок трговски дефицит за последниот квартал од годината од очекувањата според октомвриската проекција, а поповолни се остварувањата и на менувачкиот пазар заклучно со ноември 2023 година.
Растот на економската активност е умерен и се движи во согласност со очекувањата, коишто според последните проекции упатуваат на забавен економски раст оваа година, во услови на послаба странска побарувачка. Реалниот раст на БДП во третиот квартал од 2023 година изнесува 1,2% на годишна основа (по растот од 1,1% во претходниот квартал) и е во согласност со растот проектиран за овој квартал според октомврискиот циклус проекции. Анализирано по компоненти, растот произлегува од нето-извозот, надополнет со натамошниот раст на личната потрошувачка. Со оглед на ограничениот број расположливи податоци, сѐ уште е рано за поцелосни согледувања за економската активност за четвртото тримесечје од 2023 година. Засега, податоците за октомври 2023 година покажуваат солидни позитивни движења кај индустриското производство, како и забавување на реалниот пад кај прометот во вкупната трговија.
Во монетарниот сектор, според првичните податоци заклучно со ноември 2023 година, депозитите и кредитите и натаму растат со темпо коешто засега е во рамките на очекувањата за последниот квартал од годината.
Општо земено, најновите податоци за клучните макроекономски показатели се движат главно во согласност со очекувањата. Сепак, условите за водење на монетарната политика и натаму се неизвесни и налагаат натамошно внимателно следење на динамиката и факторите на инфлацијата и на инфлациските очекувања. Оттука, потребна е натамошна претпазливост во водењето на монетарна политика, односно при водењето на макроекономските политики коишто влијаат врз побарувачката во економијата.
Од Народната банка нагласуваат дека централната банка е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со кои ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок.