Фото: Игор Бансколиев

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека се одобрени дополнителни 200 милиони денари за АД „Водостопанство“.

Се работи, како што информира МЗШВ, и на нов модел за преструктуирање на претпријатието, кој треба да ја подобри и зголеми ефикасноста на вработените.

– Во интерес на јавноста сакаме да напоменеме и за околноста дека АД Водостопанство е посебен орган кој работи самостојно со сопствен буџет и Министерството за земјоделство нема никаква законска можност за распределба или управување со нивните средства, особено за платите кон вработените. Но, како никогаш до сега МЗШВ вложува во изградба на нови системи за наводнување. Преку сите почнати нови капитални инвестиции во овој период обезбедуваме наводнување за нови 20.000 хектари земјоделски површини. Се гради браната Конско, а работиме на проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар. Со поддршка на ЕУ се градат седум мали нискотрошковни системи за наводнување во Конопница, Теарце и Пишица, системите Чаушица и Славишко Поле се веќе завршени, а следуваат системите Сопот и Новаци – наведува МЗШВ.

Преку КфW, додава, обезбедени се дополнителни 120 милиони евра со кои се подготвува проектна документација за системите Конско, Лисиче, Страиште, Пепелиште каде се обезбедува наводнување за вкупно 15.500 хектари земјоделско земјиште.

-Со ребалансот на Буџетот за 2022 година 450 милиони денари, нови дополнителни средства за реализација на капитални инвестиции во делот на водоснабдувањето за проектите Конско, Равен – Речица и Речани. Токму преку овие капитални проекти уште еднаш потврдуваме дека наш главен приоритет е редовно и навремено наводнување на земјоделските површини, како и проширување на системите со нови инвестиции – нагласува Министерството за земјоделство.