• Новогодишните празници и целата еуфорија околу пречекот на новата година секоја година создаваат голема раздвиженост низ градовите, при што голем број граѓани се упатуваат да набават подароци за најблиските… Граѓаните имаат различни мислења за новогодишната еуфорија и за можностите да си дозволат забава или пречек во некоја нивна омилена дестинација…
  • Од анкетата со над сто граѓани во врска со новогодишната прослава, за тоа како тие ја доживуваат, како се подготвуваат, како ја чувствуваат… добивме многу одговор.и што се исти или приближно идентични. За нив прославата и „новогодишната еуфорија“ се: … „лажна слика“… „нестварна творба на имагинацијата создадена во една сосема друга реалност“… „оптичка измама за нештата што ги чувствуваме во нас“… „славењето и еуфоријата се сосема спротивни од досегашната реалност, која се надеваме дека ќе се промени“… „прославата е симбол на излез од назадувањето и стагнацијата, а влез во нешто ново и подобро“… Со еден збор, анкетираните граѓани изразија едно фантазмагорично чувство на пријатност и задоволство, кое очекуваат да се претвори во реалност со почнувањето на 2025 година..

Каде и како ќе се дочека новата година во пресрет на 31 декември вообичаено беше меѓу главните теми за голем дел од нашите сограѓани, но и пошироко, низ целиот свет. Многумина од нив одамна испланирале каде и како ќе ја дочекаат новата година, додека други се определиле поспонтано да ја поминат „најлудата ноќ“.
И додека дел од граѓаните велат дека остануваат малку средства за прослави и за прошетки, има и такви што веќе имаат планови каде ќе заминат, а и такви што потенцираат дека главната поента на новата година се желбите и очекувањата за подобра иднина, не забавите со многу алкохол и со непотребни трошења.

Со најавените промени, се зголемија желбите и очекувањата, се слави
секојдневно

– Новогодишната еуфорија го промени значењето, или да кажеме го изгуби, и тоа најмногу поради самите луѓе. Лично сметам дека денеска сакаме многу повеќе, дека не се задоволуваме со она што е најважното, а тоа се здравјето и слободното време за дружба со најблиските. Ние кога бевме млади немавме очекувања ниту за патување, ниту за забави со изобилство од пиење, но од друга страна се собиравме цела фамилија, педесетина луѓе, со децата, и најбитно беше да сме сите заедно, на куп, не подароци, не пакетчиња, туку да сме здрави живи и сите заедно – вели повозрасна скопјанка, која додаде дека во убавите времиња сите во фамилијата работеле.
Новогодишните празници и целата еуфорија околу пречекот на новата година секоја година создаваат голема раздвиженост низ градовите, при што голем број граѓани се упатуваат да набават подароци за најблиските, па и за подалечните. Граѓаните имаат различни мислења за новогодишната еуфорија и за можностите да си дозволат забава или пречек во некоја нивна омилена дестинација.
– Предновогодишно бевме на прошетка во Прага со пријателките, а дочекот на новата година ќе го прославиме со повеќе пријатели заедно во една кафеана. Не би рекла дека нема пари за пречек каков што сакаме, напротив, има многу повеќе отколку кога бевме млади. Далеку дека сме богати луѓе, напротив, но мислам дека има понуда за секој џеб. Дополнително како баба, бидејќи веќе имам внуци, ќе купам поклони за сите внучиња, пакетчиња, како што е редот – вели 45-годишната Мирјанка Д. од скопската населба Драчево.

Приспособување на семејните потреби и буџет

За разлика од неа, друг наш соговорник вели дека сѐ зависи од семејните приливи и желби. Истакнува дека има приходи што се стандардни во нашата земја, но дека планови за Нова година нема, бидејќи не смета дека треба да се трошат големи пари за дочек, а потоа да се мисли како да го истера месецот.
– Последниве години моравме да се приспособиме на потребите на сите во семејството. Децата пораснаа и сакаат да шетаат, па најголем трошок за Нова година се нивните дочеци, во дискотеките е скапо, не е како ние кога бевме млади, влезници, пијачки… Со оглед на тоа што платите се исти, ние со сопругата остануваме дома и веќе не се чувствуваме дека можеме да славиме, тоа останува на младите, тие треба да шетаат – вели нашиот соговорник.
Тој воопшто не смета оти граѓаните се загрижени или дека не трошат овој период, туку напротив, потенцира дека кафеаните се полни секоја вечер и дека се прославува секој ден пред 31 декември.
– Голем број пријатели се речиси, па и секоја вечер во кафеана, се слави и се пие предновогодишно, па за главниот дочек се одмора. Тоа е веќе пракса во земјава, што секако се наметна и поради високите цени за дочекот, но и покрај поскапувањето гледаме дека секој ден се полни кафеаните – дополнува тој.

Туристичките аранжмани одамна пополнети

Од туристичките агенции за „Нова Македонија“ посочуваат дека интерес и планови за патување за дочекот на новата година има и веќе се направени. Истакнуваат дека аранжманите се пополнети одамна и дека меѓу нашите сограѓани има различни желби, секако во согласност со можностите.
– Голем интерес за дочекот има за патување за Турција, особено за Истанбул, каде што Нова година се дочекува со прослава на брод на Босфорот. Но исто така секогаш е атрактивна и Атина, како и Будва и Тиват бидејќи најчесто на прославите овде настапуваат познати балкански ѕвезди. Цените воопшто не се високи, започнуваат над стотина евра, но може да достигнат и до илјада евра ако станува збор за посета на подалечна и егзотична дестинација – вели претставничка на една туристичка агенција.
Наедно додаваат дека изминатиов период голем број наши сограѓани се упатиле кон познати европски градови што имаат божиќни пазари како Виена, Прага, Будимпешта…
Претставниците на рестораните и угостителските објекти во главниот град исто така потврдуваат дека деновиве се слави секојдневно и дека граѓаните речиси и да не прашуваат за цени, туку се избира само локација.
– Имаме кафеани или ресторани што работат турбо, секој ден и навечер, но има и такви што слабо се полнат. Секако сѐ е тоа резултат на добро стекнатиот имиџ, можеби улога имаат и цените, но повеќе е до имиџот. Ова е период кога се работи интензивно и се бара столче повеќе во голем дел од кафеаните – вели вработен во угостителски објект во главниот град. Е.Р.