Формирањето единствен регионален енергетски пазар треба да се разгледува низ повеќе аспекти во однос на придобивките што може да ги очекува нашата држава, тврдат упатените во енергетскиот сектор. Според експертите, првенствено треба да се стават интересите на нашата земја, и да се внимава нашата земја да не се претвори во „евтин“ извор на енергија за странските компании, без да се добие соодветна корист за нашите граѓани и фирми со добивање пониска цена на енергијата

Што ќе донесе единствениот регионален енергетски пазар

Формирањето регионален енергетски пазар е најновата иницијатива за која се залагаат лидерите од земјите од Западен Балкан, која беше промовирана во рамките на регионалната конференцијата „Можности за инвестиции во обновливи извори на енергија на Западен Балкан“. Високите претставници од земјите од регионот се заложија за регионален пристап во справувањето со енергетската криза и обезбедување енергетска трансформација и енергетска сигурност на секоја од државите, но и на регионот во целина. Во кратки црти, идната регионална соработка треба да се одвива преку изградбата на енергетските проекти што треба да се прават, а што се однесуваат на нови гасоводи за снабдување со гас, на нови енергетски постројки заради изградба на нови централи, било да се од обновливи извори на енергија или гасни централи. Објаснување за оваа иницијатива даде српскиот претседател Александар Вучиќ, кој рече дека создавањето заеднички регионален пазар за електрична енергија е повеќе од неопходен за да можат земјите од регионот да си помагаат во различни сезони, бидејќи „некои имаат вишоци во текот на зимата, некои во текот на летото, некои други имаат поголеми можности и големи капацитети за снабдување со гас“.
Формирањето единствен регионален енергетски пазар треба да се разгледува низ повеќе аспекти. Имено, според мислењето на домашните експерти, во оваа фаза на оваа иницијатива, која беше промовирана и во рамките на регионалната соработка на Отворен Балкан, не е јасно на кои сегменти ќе се однесува регионалната соработка во областа на енергетиката. Дали тоа се однесува на формирање на регионална берза за трговија со електричната енергија што се произведува од земјите од регионот или тоа би значело и заедничко учество во изградба на нови енергетски објекти?
– Ние сме веќе поврзани со енергетскиот систем на Европа, што значи дека мораме да ги исполнуваме условите за соработка што се однесуваат за транспорт на електрична енергија преку нашиот енергетски систем за потребите за преземање и пренос на електрична енергија за трети земји. Како на пример, преку нашата земја може да транзитира струјата од ЕУ во Грција. Доколку се мисли на формирање регионална (балканска) берза на струја, по примерот на тие во Унгарија и во Австрија, тогаш тоа отвора други прашања. Треба да се испитаат можностите, дали може да се добиваат повластени цени за електричната енергија што ќе се разменува меѓу земјите од Отворен Балкан, под услови што се поразлични од тие што важат на моменталните берзи. Претходно Словенија и Хрватска имаа таква иницијатива за воспоставување единствен пазар на енергијата, но не знам како продолжи да функционира тоа – ни изјави Константин Димитров, професор на Машинскиот факултет во Скопје и претседател на Центарот за енергетска ефикасност.

Како опција за регионална соработка се нуди и заедничкото учество во изградба на капацитети за производство на струја со искористување на хидропотенцијалот во Македонија или со изградба на централи на гас или во инвестирање во обновливи извори на енергија. Притоа, како што нагласува Димитров, првенствено треба да се стават интересите на нашата земја, од аспект на ефектите што би добиле со ставањето под „концесија“ на нашите природни ресурси. При поставувањето на сончевите електроцентрали или ветерници треба да се внимава нашата земја да не се претвори во „евтин“ извор на енергија за странските компании, без да се добие соодветна корист за нашите граѓани и фирми со добивање пониска цена на енергијата. Инвестирањето во обновливи енергии ја наметнува и потребата од проширување на капацитетите на дистрибутивните и преносни мрежи за другите земји, па затоа треба да се внимава при преземањето на ваквите обврски, затоа што тоа бара и огромни финансиски средства, па затоа не треба да се дозволи тоа да биде само на сметка на домашните енергетски компании.
Земјите од Западен Балкан се во предност во однос на просекот на земјите од Европската Унија, кога станува збор за учеството на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка на струја. Со расположивиот потенцијал од хидроцентралите се добиваат околу 27 отсто од енергијата, додека во ЕУ просекот изнесува околу 20 отсто. Енергетскиот консултант од Србија, Ненад Јовановиќ, нагласува дека земјите од Западен Балкан поголем дел струјата го добиваат од термоцентралите, што мора да се смени во наредниот период.
– Европската комисија најави вложување од една милијарда евра за енергетиката на Западен Балкан и тоа може да помогне во надминување на периoдот на стагнација од 2019 година, откога не е изграден ниеден поголем капацитет во Србија.

Потребно е да се инвестира во проекти што ќе овозможат диверзификација на производството на струја од користењето на јагленот со преминување на гасот, кој помалку загадува или во најидеaлeн случај да произведуваме струја од користењето на соларната енергија и други обновливи извори – вели Јовановиќ.
Во случајот со Македонија, најблиску во регионалната соработка сме со Србија за искористување на вишокот на природен гас од оваа земја во нашата гасна централа за производство на електрична енергија. Сите земји од Западен Балкан се соочуваат со проблемите за брза транзиција кон зелената енергија, а за споредба, само во Босна и Херцеговина околу 60 отсто од производството на струја се потпира на термоцентралите на јаглен. Заедничка слабост на земјите во регионот е застареноста на енергетските капацитети, со работен век од над 30 години. Како што изјави македонскиот премиер Димитар Ковачевски, нашата земја е првата земја во регионот на Западен Балкан што усвои Стратегија за развој на енергетскиот сектор во 2019 година, заснована на столбовите на Зелениот договор на ЕУ. Македонија е првата земја што го спроведува проект за замена на стара термоцентрала на јаглен во „Осломеј“, Кичево, на место каде што веќе се гради соларна централа од 120 мегавати на местото на поранешниот рудник за лигнит. М.Ј.