Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од една страна, Министерството за здравство ја продолжува скрининг-програмата за рано откривање карцином на дојка, додека, од друга страна, пак, пациентките што веќе некое време се оперирани од истата болест неколку месеци не ги добиваат соодветните лекови. Според податоците од електронската евиденција на управата „Мој термин“, само во периодот од 1 до 10 ноември 2022 година, за мамографија имаат закажано вкупно 963 жени, а од нив терминот го искористиле вкупно 390 жени, додека закажаниот термин не го искористиле вкупно 573 жени

Од почетокот на месецов, Министерството за здравство ја продолжи скрининг-програмата за рано откривање рак на дојка, имајќи предвид дека за време на ковид-пандемијата беше отежнат пристапот до оваа дијагностичка процедура, како што информираат оттаму. Целта е на што повеќе жени на возраст од 45 до 69 години да им се обезбеди преглед на дојките, за рано откривање рак на дојка. Од друга страна, пак, оние што се оперирани уште пред една година од истата болест реагираат дека неколку месеци не добиваат терапија, бидејќи лековите едноставно ги нема. Сепак, и покрај тоа што надлежните интензивно работат на тоа жените навремено да откријат доколку ја имаат оваа болест, многу од нив едноставно не ги искористуваат закажаните термини и не ги реализираат прегледите.

НЕМА ЛЕКОВИ ЗА ОНКОЛОШКИТЕ ПАЦИЕНТИ

Долг и трнлив е патот на пациентите на Клиниката за онкологија и радиотерапија што примаат лекови по оперативни зафати на карцином.
До редакцијата на „Нова Македонија“ пристигнаа голем број реакции од страна на пациентки што, иако биле оперирани, сепак, веќе неколку месеци не можат да добијат лек. Една 47-годишна пациентка, која била оперирана од рак на дојка пред една година и прима таблетарна терапија „капацитабоне“, вели дека тој лек им се дава на пациентите за да ги заштити од метастази или, пак, од повторно враќање на карциномот.
– Јас сум трипл негатив, тоа е генетски тип на карцином, кој не е хормонски зависен ни од естроген ни од прогестерон и токму поради тоа за мене не постои друга терапија. Последен пат терапијата ја примив во август. По терапиите се прават други испитувања, за кои едвај можеме да дојдеме на ред. Неодамна бев на контрола и на снимката се покажа нешто на црниот дроб. Дали станува збор за метастаза, дали станува збор за малигна или бенигна циста, не можам да знам, зашто не можам да добијам термин за преглед. Сега живеам во постојан страв и стрес, не знам што ми е – раскажува пациентката.
Таа вели дека за да добие лек или, пак, за да биде прегледана мора да патува, бидејќи е од внатрешноста на земјата, а медицинскиот третман може да го добие само во Скопје.
– Пред ординацијата чекаме шеесетина жени, невиден стрес со часови, и на крајот ќе ти кажат дека го нема лекот. Барем некако да нѐ известат да не доаѓаме залудно. Најмногу ме иритира тоа што ова беше розов месец и се фалеа дека има терапии, а нема. На луѓето им зависи животот од тој лек, оставени сме така. А не е само овој лек. Моја пријателка прима венозна терапија, „кацајла“, а и тој лек го нема. Кога одиме, ни велат само: „Оставете ја историјата, ќе ви се јавиме“. И не се јавуваат – вели пациентката.
За овие два лека пациентките велат дека претходно немало проблем, редовно ги имало за терапија.

НАДЛЕЖНИТЕ СЕ НАДЕВААТ ДЕКА ЛЕКОВИТЕ ЌЕ ГИ ДОБИЈАТ НАСКОРО

Од Клиниката за онкологија велат дека недостигаат четири лека за онколошките пациенти, меѓутоа се надеваат дека ќе ги добијат наскоро.
– Станува збор за лекови што не се на позитивната листа. Правиме натчовечки напори да ги обезбедиме со парите што ги имаме, колку што ги имаме. За дел од лековите веќе е почната постапката и очекуваме да има разврска. Станува збор за биолошки лекови. Сите тие се на таа посебна листа, која е различна од стандардната, и во однос на целата постапка за набавување и во однос на финансиите. Лековите се за третирање малигни болести на различни локализации во телото – вели докторката Виолета Клисарова, в.д. директорка на Клиниката за онкологија.

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ЈА ИНТЕНЗИВИРА СКРИНИНГ-ПРОГРАМАТА ЗА РАНО ОТКРИВАЊЕ КАРЦИНОМ НА ДОЈКА

Од друга страна, пак, Министерството за здравство интензивно работи да им помогне на жените редовно да ги реализираат прегледите за рано откривање карцином на дојка. Од почетокот на месецов продолжи националната скрининг-програма за рано откривање рак на дојка.
– Целна популација на скрининг-програмата се жените на возраст од 45 до 69 години што не извршиле преглед во изминатите две години или никогаш не направиле мамографски преглед – информираат од Министерството.
Мамографско снимање, односно скрининг-мамографија, се врши во повеќе јавни здравствени установи, болници и поликлиники во Скопје и во другите градови.
– Закажувањето почна со жени на возраст од 45 години. До сите се испратени пораки на бројот со кој се евидентирани во системот „Мој термин“. Во пораките што се испратени се дадени насоки и како да откажат или да го преместат терминот, доколку имаат потреба за тоа – велат од Министерството за здравство.
Исто така, кај матичните лекари е изработен посебен модул во кој тие може да ги видат информациите за своите пациентки (дали им е закажан преглед и кога), за што дополнително ќе бидат информирани сите матични лекари преку имејл со известување од Управата за електронско здравство.
– Сите учесници во скринингот може да ги видат закажаните пациентки во своите центри. Во скрининг-програмата за дојка може да се пријават жени на возраст од 40 до 44 години доколку имаат позитивна семејна анамнеза кај еден или повеќе членови во семејството, и тоа со: рак на дојка, овариуми, дебело црево или панкреас. За жените во скрининг што имаат потреба од дополнителни прегледи е овозможено радиологот да издава упат за ехо-преглед, биопсија, торакална хирургија, и тоа е најбрзиот пат од суспектен карцином до операција – велат од Министерството.
Тоа значи дека жените со потврден карцином на биопсија во рок од една недела од подготвениот радиолошки извештај и хистопатолошки наод, според патеката, ќе се упатуваат на торакална хирургија со упат од специјалист радиолог, за што Управата за електронско здравство креира амбуланта за жена од скрининг-програмата.
– За жените, пак, што сакаат да направат мамографија и ехо или имаат потреба пред и по операција или онколошка терапија, Националната комисија при Министерството за здравство направи патека како жената да стигне на преглед, со цел жената да стигне соодветно на ехо и мамографија во согласност со здравствената состојба – соопштуваат од Министерството за здравство. Н.М.


Закажаниот термин за преглед не го искористуваат сите жени

Во согласност со податоците од електронската евиденција на управата „Мој термин“, во ГОБ „8 Септември“ во октомври се закажани вкупно 149 термини за дијагностика, од кои 94 се реализирани, а 55 жени не го искористиле закажаниот термин. Исто така, во Здравствен дом Скопје – Поликлиника Букурешт за октомври, од закажани 208 термини за мамографија, реализирани биле 173 термини, додека 35 жени не го искористиле закажаниот термин.
– Инаку, преку скрининг-програмата дополнително се овозможуваат термини за прегледи на навидум здрави жени, и тоа во истите болници каде што има и паралелен термини за дијагностика. При што, вкупно, во ноември им е овозможено на 2.499 жени да направат мамографски преглед со скрининг-програмата. Од 1 до 10 ноември 2022 година, за мамографија имаат закажано вкупно 963 жени, а од нив терминот го искористиле вкупно 390 жени, додека закажаниот термин не го искористиле вкупно 573 жени – известуваат од Министерството за здравство.