Исклучувањето на блокот 1 од мрежата на електроенергетскиот систем, колку и да беше непредвидено, е сосема нормално, кога станува збор за термоцентрали што одамна го надживеаја својот работен век.
Но неговото исклучување, доколку не произлезат некои други непредвидени дефекти, ќе трае најдоцна до понеделник, 21 ноември, уверуваат од РЕК „Битола“, од каде што информираат дека блокот 1 на РЕК „Битола“ е плански исклучен поради санација на кондензаторот и на дел од цевководниот систем во постројката. До исклучување на блокот 1 дојде планирано за време на викендот поради вообичаено намалената потрошувачка на електрична енергија во овој период од седмицата. Електричната енергија од блокот 1 на РЕК „Битола“, АД ЕСМ ќе ја надомести со зголемување на производството во другите свои постројки, како и со набавката на струја за која компанијата има веќе склучен договор до 20 ноември. Инаку, да потсетиме дека блокот 1 беше во ремонт до 15 октомври, кој поради енергетската криза во државата беше изведен за помалку од триесетина дена, наместо вообичаените 45 и повеќе. За време на ремонтот, фокусот беше ставен на највиталните делови од постројките, кои по техничко-технолошкото освежување треба да обезбедат стабилност на производството.
Инаку, од АД ЕСМ велат дека по ремонтот на блокот 1 се планира ремонт и на блокот 2. Во меѓувреме се очекува во комбинатот да пристигне трансформаторот за блокот 3, по што во РЕК „Битола“ ќе можат во погон да бидат вклучен сите три блока. Во врска со дефектот на блокот 1 изјава даде и премиерот на Владата, Димитар Ковачевски.
– Во РЕК „Битола“ точно е дека имаше протекување на една цевка во еден од блоковите, тоа ќе го санираат вработените што работат на негова санација.
Исто така, третиот блок не е во функција поради тоа што беше изгорен трансформаторот уште минатата година, меѓутоа трансформаторот е направен и наскоро треба да пристигне во Битола. Транспортот од Турција ќе биде малку комплициран со оглед на тоа дека се работи за товар од 240 тона, кој не може да го помине мостот на Ипсала што ги поврзува Турција и Грција, па од таа причина ќе биде комбиниран транспорт со возило, со брод до Солун, а од Солун потоа повторно со возило, кое, веројатно, е едно од поголемите возила на територијата на нашата држава, со 10 оски, што ќе стигне до РЕК „Битола“. Ние веќе ги обезбедиме транспортните дозволи за ваков вонстандарден транспорт благодарение на добрите односи со грчката влада, па очекувањата се дека до 22. овој месец треба да пристигне, да се изврши монтажа и со тоа да се пушти и третиот блок во функција – изјави премиерот на Владата, Димитар Ковачевски. М.М.