Фото: Игор Бансколиев

Економистите велат дека инфлацијата е присутна насекаде во Европа, кај некои земји таа нема да помине 10 отсто, кај други ќе достигне 20 отсто, а кај некои и над 50 отсто. Умешноста на една монетарна политика е да ја намалува инфлацијата, ама истовремено да одржи некои нормални стапки на раст. Какви се прогнозите за Македонија?

МАКЕДОНИЈА ВЛЕЗЕ ВО ЗОНА НА ДВОЦИФРЕНА ИНФЛАЦИЈА

Македонија зачекори во зона на двоцифрена инфлација, што покажува дека стандардот на граѓаните вртоглаво паѓа. Државниот завод за статистика регистрира двоцифрена стапка на инфлација во април, трошоците за живот во претходниот месец споредено со април лани пораснале за 10,5 отсто, а цените на мало за 11,1 отсто. Маслата поскапеле за дури 20 отсто во еден месец, Поскапување на месечно ниво, покрај кај маслата, има и кај зеленчуците, овошјето, сирењето, пијалаците, чоколадите, шеќерот, но пораснале и цените на воздухопловниот патнички транспорт, и тоа од високи 46,6 отсто, а поскапени се и туристичките аранжмани со 8,9 отсто. Економистите велат дека поскапувањето, најверојатно, ќе продолжи и во иднина, но и дека инфлацијата е присутна насекаде во Европа.
Факт е дека малопродажните цени веќе достигнаа двоцифрена бројка и според претседателот на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, постојат индиции дека и понатаму ќе продолжат да растат.
– Прво мораме да сфатиме дека инфлацијата е резултат на случувањата во економијата. Да не се залажуваме дека зголемените малопродажни цени се резултат само на војната во Украина и кинењето на синџирите на снабдување што ги предизвика таа. Свесни сме дека сите влади потрошија огромни средства од буџетите за време на ковид-пандемијата за да ги намалат негативните последици по растот на економијата. Но исто така сме свесни дека со овие потрошени средства само ја одржаа потрошувачката на одредено ниво, но не и производството и понудата на производи – објаснува Димитров.
Тој додава дека и одлуките за замена на енергентите на европските власти и плаќањето на зелените сертификати била првата причина за пораст на цената на енергентите, особено електричната енергија.

– Затоа бевме сведоци дека цената на струјата започна да расте уште пред почетокот на војната во Украина. Во минатиот период во услови на мал раст на продуктивноста, со политички одлуки од 2016 до 2022 година, ја зголемивме минималната плата дури за 78 отсто.
И последно, земјите што инвестираат огромни средства во инфраструктурни објекти и имаат големи стапки на економски раст во периодот на градење, потоа во периодот по завршување на градбите имаат понизок раст од другите земји или, пак, во случај на криза имаат многу поголем пад на економијата. Тоа истото се случи и за време на финансиската криза од 2007 до 2009 година. Така, Турција имаше долг период на високи стапки на раст, а денес има инфлација од речиси 70 отсто на годишна основа – нагласува Димитров.
Затоа, како што вели тој, сите земји во периодот што следува нема да имаат иста инфлација, кај некои таа нема да помине 10 отсто, кај други ќе достигне 20 отсто, а кај некои и над 50 отсто.
– Очигледно е дека пазарните законитости ништо не простуваат – сите неоправдани трошења што немаат покритие во производство и услуги, на крајот ќе мора да ги платиме. Народните банки имаат инструменти и мерки со кои можат да ја ограничат инфлацијата. По правило сите овие мерки и инструменти влијаат негативно на економскиот раст, затоа што сите тие ги ограничуваат инвестициите и потрошувачката – смета Димитров.
Како што споменува тој, умешноста на една монетарна политика е да ја намалува инфлацијата, ама истовремено да одржи некои нормални стапки на раст.
– Македонија е земја со низок БДП и мора да се грижи за некој економски раст што ќе нѐ доближува до европските просеци, затоа ниската инфлација не треба да биде цел сама за себе. Имавме периоди на многу ниска инфлација што не надминуваше ниту еден процент, но истовремено економскиот раст не надминуваше 2 отсто годишно – укажува претседателот на собранието на ОРМ.
Димитров истакнува дека во услови на висока инфлација државата мора да води сметка за луѓето со најниски примања и да ги заштити од високата инфлација, бидејќи трошоците за енергенти и за храна растат со највисока стапка, а тие зафаќаат огромен дел од потрошувачката на овие семејства.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска, посочи дека по цела декада ниска инфлација, сега речиси сите економии забележуваат повисоки стапки.

– Околу половина од економиите во развој забележаа инфлација повисока од 7 отсто или највисоко ниво во изминатите две децении, додека, пак, последните податоци покажуваат дека ценовните притисоци можат да траат подолго од очекуваното. Меѓународните финансиски институции ги зголемуваат проекциите за инфлацијата, додека ги намалуваат очекувањата за годинешниот раст. Сепак и со најновите проекции се очекува позитивен економски резултат, како во глобални рамки така и во домашната економија – вели Ангеловска Бежоска.
Според неа, сега, централните банки мора да се фокусираат на нивниот основен мандат за одржување на стабилноста на цените, што бара постепено нормализирање на монетарната политика, додека краткорочните ефекти од кризата треба да се решаваат со користење алатки на фискалната политика, кои треба да бидат добро насочени и временски ограничени.

– Има многу фактори што можат да придонесат кон подобрување на вкупниот економски резултат – конкурентноста на економијата, квалитетот на човечкиот капитал, квалитетот на институциите, иновациите и технолошката подготвеност. Потребни се структурни реформи и ќе потенцирам – справувањето со тековните предизвици не треба да ги стави на чекање структурните реформи, напротив, напоредно треба да се продолжи со нив, бидејќи тие се оние што ќе дадат долгорочни резултати – појасни гувернерката.
Таа истакна дека централните банки можат да обезбедат поддршка во некои од овие сегменти, како регулаторни олеснувања за поголема дигитализација кај финансиските услуги и финансиски иновации, во насока на зголемување на продуктивноста, како и за предизвиците од климатските промени, коишто влијаат врз капацитетот за раст, движење на цените и финансиска стабилност. Истите тие, како што посочи, се наоѓаат високо на агендата и на нашата централна банка, односно се поставени како стратегиски цели и веќе се реализираат повеќе активности во таа насока.